Трошат и кога немаат. За Балканците во јавноста неретко може да се слушне дека трошат повеќе отколку што заработуваат. Сепак, официјалните статистички податоци покажуваат дека ова не е сосема точно и дека сумите за тоа колку заштедиле граѓаните може позитивно да изненадат.
Ако некогаш заштедите доминантно се чувале „под перница“, денес, таа стара навика е заменета со чување пари на сметките во банките, иако дел од јавноста не се откажала од традиционалниот начин на штедење во домашни услови.
Светска недела на штедењето
Светската недела на штедењето се одбележува од 31 октомври до 6 ноември. Во текот на овие денови централните банки, комерцијалните банки, но и другите финансиски институции и организации на различни начини ја одбележуваат оваа недела, во чии рамки се објавуваат и податоци за тоа колку изнесуваат заштедите на граѓаните, но и на компаниите.
По пандемијата од коронавирусот (Ковид-19), која донесе промени и потешкотии во економските текови, тежок период за економијата во глобални рамки дојде и поради војната во Украина, високата инфлација и промените во редовните економски текови. Но и покрај тешкото време, граѓаните во земјите од регионот се обидуваат да заштедат пари.
Растат заштедите на граѓаните во Северна Македонија
Вкупниот износ на депозитите на населението во Северна Македонија Македонија во септември 2022 година изнесува 5,27 милијарди евра. Во проценти, тоа претставува пораст од 5,41 отсто во споредба со минатата година.
Над 14 милијарди евра заштеди во Србија
Заштедата на населението во Србија севкупно изнесува 14,2 милијарди евра, при што девизното штедење изнесува 13,5 милијарди евра, а денарското 87,3 милијарди динари, според податоците на Народната банка на Србија (НБС).
Пораст за заштедите во Албанија
Според податоците на Банката на Албанија, на крајот на септември 2022 година, вкупната состојба на депозити достигна 10,6 милијарди евра, што е благ пораст во однос на август оваа година.
Пет милијарди евра чуваат банките во Косово
Според извештајот на Централната банка на Косово вредноста на депозитите кои се депонирани во комерцијалните банки изнесува пет милијарди евра. Од овие пет милијарди евра, депозитите на граѓаните изнесуваат 3,5 милијарди евра, 957 милиони доаѓаат од нефинансиските корпорации, а 260 милиони евра од останатите финансиски корпорации.
Раст на депозитите во Црна Гора
Во Црна Гора депозитите во јули забележија раст од 20,41 отсто на годишно ниво, а во однос на јуни оваа година се зголемени за 3,31 отсто, покажуваат податоците на Централната банка на Црна Гора. Сумирано, депозитите на црногорските граѓаните за седум месеци во 2022 година пораснаа за 600 милиони евра, додека на крајот на јуни изнесуваа 4,46 милијарди евра.
БиХ: Граѓаните преферираат заштеда во домашна валута
Според последните расположливи податоци од Централната банка на Босна и Херцеговина, на крајот на септември од 2022 година вкупните депозити на населението кај комерцијалните банки во БиХ изнесуваа 14,22 милијарди конвертибилни марки, или 7,28 милијарди евра. На годишно ниво депозитите на населението на крајот од септември бележат пад од 1,9 отсто. Вредноста на депозититите во домашна валута во БиХ првпат е поголема од депозитите во странска валута, што укажува на растот на довербата во домашната валута.
Хрватите со највисоки заштеди во регионот
Вкупните депозити на населението во Хрватска во банките кон крајот на август од оваа година изнесуваа 263,4 милијарди куни или 34,98 милијарди евра, што претставува најголем износ на депозити во споредба со останатите земји од регионот. На годишно ниво, порастот на депозитите во Хрватска изнесува 22,3 милијарди куни (2,29 милијарди евра), што е резултат и на прелевањето на готовината во оптек во банките заради пристапувањето во еврозоната, објави Хрватската народна банка.