Големиот пад на берзите на глобалните финансиски пазари се повеќе се чувствува и меѓу приватните компании чија вредност не зависи од пазарот на капитал. Така техно-гиганти како Тесла, Нетфликс, Коинбејс, Твитер, Спотифај, Зум и многу други ги кратат работните места и сите нови вработување се замрзнати. Лошите сигнали пред се на американската но, и глобалната економија укажуваат дека приватниот сектор се подготвува за рецесија или во најмала рака тешки економски времиња.
Победници во короната, губитници во ценовната криза
Многу технолошки компании кои беа шампиони за време на корона-кризата, сега се на работ да станат губитници со новата ценовна криза и постојаната инфлација која номинално се проценува на околу 9%, а реалната е многу повисока во зависност од економија до економија.
Неколку фактори влијаат на падот на вредноста на пазарот на технолошките гиганти. Проценките на американските финансиски институции се дека во споредба со претходната година „избришани“ се над 1 билион американски долари од пазарната вредност или околу 25% во просек за целиот сектор.
Причините се бараат во враќањето на работната сила во канцелариите што ги подигнува оперативните трошоци, но и растот на цените на енергенсите и воопшто глобалната криза по војната во Украина.
Од друга страна лошите сигнали влијаат на намалување на потрошувачката во обид да се заштедат дел од залихите, додека пак компаниите чии услуги беа клучни за време на корона-кризата, а сега се поретко се користат, се соочуваат со намалени приходи.
Отпуштања во Тесла
Маск планира да ја намали работната сила во Тесла и гига-фабриките за околу 3,5% потенцирајќи дека „има многу лошо чувство за економијата“. Според него, економски застој е сосема извесен, но не е сигурен дали ќе дојде до инфлација. Можеби ќе дојде до „стагфлација“, термин кој економистите го користат да опишат состојба во која цените постојано растат, а економскиот раст успорува.
Тоа ги натера големите компании да ја намалат работната сила, и се проценува дека илјадници работни места ќе бидат укинати. Некои компании имаат изгубено до 70% од пазарната вредност и се соочени со потешко прибирање на финансии и нови инвестиции во капиталот. Истите во последните две години за да одговорат на потребите за забрзана дигитализација, како и поддршка на услужниот сектор, драстично ги зголемија стапките на вработувања.
Сега или ќе се ориентираат кон отпуштања, или ќе ги замрзнат планираните аквизиции на човечки ресурси.
Има ли простор за оптимизам?
Дел од финансиските аналитичари сметаат дека кризата во „биг-тех“ не може да се спореди со „точка-ком“ крахот во раните 2000-ти години.
Ако тогашниот пад беше карактеризиран со бумот на интернет компаниите во индустрија која тогаш малку кој разбираше како функционира, што отвори простор за многу компании со напумпани биланси, сега дваесетина години подоцна технолошките производи се многу појасни, компаниите имаат добри биланси, подобра контрола од управните тела и се подобро капитално обезбедни со стабилни средства.
Прогнозите на Маск се дека по една година ќе заврши со поголем број на вработени отсега, по стабилизацијата на пазарот.
Падот се очекува да биде силен во наредниот период, впрочем тоа веќе се чувствува како кај компаниите кои котираат на берза, така и кај приватните компании, но повеќето од нив би требало брзо да закрепнат.
Намалената потрошувачка и претпазливоста на инвеститорите ја потона вредноста на голем број на технолошки компании кои се базираат на крипто валути. Овој сегмент се очекува да помине најтешко, додека пак технолошките компании кои се фокусирани на услужните дејности, сајбер безбедноста и е-трговијата ќе имаат помали последици.