Во вторникот беа објавени 96-те номинации за Оскарите, а филмот „Опенхајмер“ доминираше во номинациите во главните категории, вклучувајќи ги и оние за најдобар филм.
Покрај за најдобар филм, филмот на Кристофер Нолан е номиниран за уште 12 награди, вклучувајќи режисер, актер, споредна машка и женска улога и камера.
Актерите Зази Биц и Џек Квејд ги објавија номинациите во театарот Семјуел Голдвин во Беверли Хилс.
Во номинациите се издвојуваат и филмовите „Сиромашни работи“ и „Убијци на цветната месечина“, со 11, односно десет номинации, додека летниот блокбастер „Барби“ е номиниран во осум категории.
За најдобар филм номинирани се „Американска фикција“, „Анатомија на падот“, „Барби“, „Држачите“, „Убијци на цветната месечина“, „Маестро“, „Опенхајмер“, „Минатите животи“, „Сиромашни работи " и "Зона на интерес".
Номинираните во другите категории:
Режисер: Џонатан Глејзер- Зона на интерес; Јоргос Лантимос- Сиромашни работи; Кристофер Нолан- Опенхајмер; Мартин Скорсезе- Убијци на цветната месечина; Џастин Триет-Анатомија на еден пад.
Актер: Бредли Купер- Маестро; Колман Доминго- Рустин; Пол Џамати-, Држачите; Килијан Марфи- Опенхајмер; Џефри Рајт- Американска фикција
Актерка: Анет Бенинг- Ниад; Лили Гладстон- Убијци на цветната месечина; Сандра Хулер- Анатомија на еден пад; Кери Малиган- Маестро; Ема Стоун- Сиромашни работи.
Полемика во јавноста предизвика фактот дека режисерката на „Барби“, убедливо најгледан филм во 2023 година, Грета Гервиг како и главната актерка Маргот Роби останаа без номинации.
Доделувањето на наградата ќе се одржи на 10 март во театарот Долби во Холивуд, а директниот пренос ќе биде организиран за повеќе од 225 земји.