Долготрајниот Ковид може да предизвика проблеми и кај најактивните деца      Фото: / Photo: Reuters

Над 145 милиони луѓе од почетокот на пандемијата во 2020 и 2021 година се соочиле со долготрајни последици од Ковид-19, со симптоми кои може да траат неколку месеци по заразата, но и неколку години.

Пост Ковид-19 состојба или наречен и „долготраен Ковид“ поретко се сретнува кај децата и малолетниците, но не е исклучено да се јават постојани симптоми на кои треба да внимава секој родител и да ја следи состојбата преку редовни контроли на педијатар.

Фондот за деца на Обединетите Нации (УНИЦЕФ) направи анализа со еминентни педијатри за потребната грижа кај децата кои и по шест месеци имаат последици од коронавирусот.

Што треба да преземе родителот?

Бидејќи вакцините се одобрени и за најмладите од УНИЦЕФ како и од Светската здравствена организација (СЗО) апелираат секој да се вакцинира против Ковид-19, вклучувајќи ги и децата.

Од превентивните мерки родителите треба исто така да избегнуваат ситуации кои се високоризични за пренесување на заразата.

Сепак, во речиси истекот на третата година од глобалната пандемија и олеснувањето на сите рестриктивни мерки, можностите за изолација се речиси невозможни и нецелисходни.

Во случаите на долготраен Ковид кај децата симптомите се делумно поразлични отколку кај возрасните и се карактеризираат со недостиг на сила за понапорни активности, анксиозност или стегање во градите, отежнато дишење и отежнато размислување, познато и како „мозочно замаглување“.

Кои знаци не смее да се игнорираат?

Долготрајниот Ковид може да предизвика и кај најактивните деца проблеми со физичката активност и спортувањето, зачестен замор, како и постојано чувство на несвестица и вкочанетост во мускулите.

Родителите најмногу треба да внимаваат на кардиоваскуларните промени бидејќи Ковид-19 освен врз респираторниот систем последици остава и врз крвните садови.

Губењето на сетилата за вкус и мирис исто така може да бидат присутни кај дечињата и малолетниците и по неколку месеци од првиот позитивен тест на Ковид-19. Тоа предизвикува губење на телесната тежина, промени во расположението, а во одредени случаи и зголемена анксиозност, фрустрираност и депресивност.

Особено треба да се внимава на состојбата на менталното здравје бидејќи зголемениот стрес и невообичаената состојба која ја предизвика пандемијата дополнително може да влијае на децата.

Бидејќи не постои единствен лек секој симптом се третира поединечно за што експертите кои ги консултираше УНИЦЕФ сметаат дека дава најдобри резултати.




TRT Balkan
Популарни