Ситните пластични честички се повеќе се акумулираат во човечкото ткиво, според новата студија објавена во понеделникот во списанието Nature Medicine.
Студијата, предводена од Метју Кампен од Универзитетот во Ново Мексико, покажува значително повисоки нивоа на пластични нано- и микрочестички во црниот дроб и мозокот на луѓето кои починале во 2024 година во споредба со студијата од 2016 година.
Контаминацијата била особено висока во мозокот, со нивоа и до 30 пати повисоки отколку во другите органи како што се црниот дроб и бубрезите, покажува студијата.
„Микропластиката претходно била откриена во белите дробови, цревата, па дури и во плацентата, но конвенционалната микроскопија обично идентификува само честички поголеми од 5 микрометри. Ова исклучува помали наночестички кои би можеле да бидат присутни“, велат авторите на студијата.
Микрометар е илјадити дел од милиметарот, а нанометар е милионити дел од милиметарот.
Тимот на Кампен примени напредна инфрацрвена и електронска микроскопија што им овозможи да ги детектираат овие помали честички со поголема прецизност.
Научниците анализирале примероци од ткиво од 24 луѓе кои починале во 2024 година и ги споредиле со 28 примероци од 2016 година.
Додека нивоата на нано и микропластичните честички во бубрезите останаа главно непроменети, црниот дроб и мозокот покажаа зголемување. Особено високи нивоа кај луѓето со деменција.
Студијата открила и загрижувачки нивоа на микропластика во мозокот на луѓето на кои им е дијагностицирана деменција.
Дванаесет примероци на мозок, собрани помеѓу 2019 и 2024 година, содржеле помеѓу 12.000 и 48.000 микрограми пластика по грам ткиво.
Сепак, научниците рекоа дека овие наоди не воспоставуваат директна причинско-последична врска.
Микропластиката се ситни пластични честички, помали од пет милиметри, кои се наоѓаат насекаде, од најдлабоките делови на океанот до мразот на Антарктикот. Тие се во воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и храната што ја јадеме. Тие дури можат директно да влезат во нашиот крвоток.
Во истражување објавено неодамна, пак, научниците откирле дека конечно успеаја да го следат движењето на микропластиката низ телата на глувците во живо.
Овие ситни честички, проголтани од имуноклетките, патуваат понатаму низ крвотокот и на крајот се заглавуваат во крвните садови во мозокот.
Во најновата студија, објавена во Science Advances, Хаипенг Хуанг, биомедицински истражувач на Универзитетот во Пекинг, и неговите колеги се обидоа подобро да разберат како микропластиката влијае на мозокот.
„Студијата покажала дека имуните клетки ја проголтале пластиката и дека таа останала заробена во малите крвни садови во кората на мозокот. Понекогаш имаше акумулација на овие клетки со микропластика, што правеше да изгледа како „судир на автомобили во крвните садови“, додаде Хуанг.
Некои од блокадите се расчистиле со текот на времето, додека други опстојуваа околу четири недели, колку што беа следени.
Овие блокади се однесуваат слично како згрутчувањето на крвта, додаваат научниците.