Toa може да се должи на недоволно вежбање, пиење премногу алкохол, осаменост и депресија / Photo: AP

Затворањата и ограничувањата наметнати за време на КОВИД пандемијата оставија трајни ефекти врз здравјето на мозокот кај луѓето над 50 години, покажуваат истражувањата.

Најнова студија покажа дека за време на пандемијата, когнитивните функции и работната меморија кај постарите луѓе без разлика дали биле заразени со коронавирус, брзо се намалувале.

Истражувачите велат дека ова може да се должи на фактори влошени од пандемијата, како што се недоволно вежбање, пиење премногу алкохол, како и осаменост и депресија.

Тим составен од истражувачи од Универзитетот во Ексетер во Обединетото Кралство и Институтот за психијатрија, психологија и невронаука на Кралскиот колеџ во Лондон, анализираа тестови за функцијата на мозокот кај 3.142 луѓе кои учествуваа во студијата Протект.

Студијата првично беше лансирана во 2014 година, со цел да се добие увид во мозочните функции на луѓето над 40 години во период од 25 години.

Луѓето опфатени во истражувањето се на возраст меѓу 50 и 90 години и живеат во Обединетото Кралство.

Тимот ги разгледа податоците од март 2019 година и февруари 2020 година, споредувајќи ги со податоците собрани во текот на првата (од октомври 2020 до февруари 2021 година) и втората (октомври 2021 до февруари 2022 година) години на пандемијата.

Анализата покажа дека стапката на когнитивно опаѓање се забрзала во првата година од пандемијата и била поголема кај оние кои веќе покажувале знаци на благ когнитивен пад пред избувнувањето на коронавирусот.

Трендот продолжил и во втората година од пандемијата.

Ен Корбет, професор по истражување за деменција и водач на студијата Протект на Универзитетот во Ексетер, рече:

„Нашите наоди сугерираат дека заклучувањето и другите ограничувања што ги доживеавме за време на пандемијата навистина имаа долгорочен ефект врз здравјето на мозокот кај луѓе на возраст од 50 и повеќе години, дури и по нивното завршување. Ова го покренува важното прашање дали луѓето се потенцијално изложени на поголем ризик од когнитивно опаѓање што може да доведе до деменција“.

HINA
Популарни