Очекуваниот животен век на возрасните се зголеми на глобално ниво за 6,2 години помеѓу 1990 и 2021 година, и покрај забележаниот пад поврзан со пандемијата на Ковид19 помеѓу 2019 и 2021 година, според новото истражување објавено во списанието Ланцет.
Неколку фактори придонеле за севкупното зголемување на животниот век во светот во последните 20 години, вклучително и намалување на смртните случаи од цревни инфекции како што е дијареа, откри истражувачкиот тим предводен од научникот Сајмон Хеј од Американскиот институт за здравствена метрика и евалуација (ИХМЕ), која работи на Универзитетот во Вашингтон.
Само поради ова намалување, очекуваниот животен век во наведениот период се зголеми за 1,1 година.
„Второто најголемо влијание врз зголемувањето на животниот век се припишува на намалувањето на смртноста од инфекции на долниот респираторен тракт, што го зголеми животниот век за 0,9 години од 1990 до 2021 година“, се наведува во студијата.
Клучни фактори кои придонесуваат за продолжување на животниот век се намалената смртност од мозочен удар и болести на циркулаторниот систем.
Сепак, експертите на ИХМЕ пред неколку години објавија дека со почетокот на пандемијата на Ковид (помеѓу 2019 и 2021 година), очекуваниот животен век во светот се намали за 1,6 години поради големиот број на смртни случаи поврзани со вирусот.
Во зависност од регионот, овој тренд варираше многу. Така, во наведениот период, очекуваниот животен век во Југоисточна Азија, Источна Азија и Океанија е намален за само 0,4 години, што е најмало вкупно намалување.
Но научниците открија дека во меѓувреме, меѓу 2019 и 2021 година, очекуваниот животен век на Карибите и Латинска Америка се намалил за 3,6 години.
Помеѓу 1990 и 2019 година, најчести причини за смрт беа коронарните срцеви заболувања, мозочните удари, хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) и инфекциите на долните дишни патишта (по тој редослед), велат експертите.
Во 2020 година открија дека Ковид-19 го зазеде третото место, а во 2021 година го достигна второто место.
„Нашата студија одразува нијансирана слика за глобалното здравје“, рече коавторот на студијата Лиане Онг.
„Од една страна, имаме монументални достигнувања во многу земји кога станува збор за спречување на смртни случаи од цревни заболувања, како што се дијареа и мозочен удар, но во исто време ни е јасно до кој степен пандемијата Ковид не врати назад“.
Истражувачите не го проучувале апсолутниот животен век ширум светот.
Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека животниот век меѓу 2000 и 2019 година се зголемил за приближно 6 години - од 66,8 на 73,4 години.
Како дел од студијата, научниците проучувале повеќе од 56.000 примероци и податоци кои им биле достапни, како што се резултатите од аутопсиите, пописите и регистрите за рак. Нивната цел беше да го анализираат глобалното влијание на болестите, повредите и факторите на ризик врз очекуваниот животен век на возрасните.
Истражувањето се заснова на проценки за смртност од 288 причини за смрт во повеќе од 200 земји и региони во светот.
Проценките за Ковид се изведени од анализите на вишокот на смртност поради последиците од пандемијата нза периодот од 1 јануари 2020 година до 31 декември 2021 година.
Студијата се заснова на експертизата на повеќе од 11.000 вработени од повеќе од 160 земји и територии.