10% од македонските граѓани имаат хорнична бубрежна болест / Photo: МИА

Околу 120 до 150 македонски граѓани се на листа на чекање за трансплантација на бубрег, но реалната листа е многу поголема, рече денеска Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон”, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.

„Во отсуство на континуирана и зголемена кадаверична трансплантација, таа листа не се збогатува затоа што треба да се прават типизации и испитувања што чинат пари, а имаме многу мал број на кадаверични трансплантации, или имаме години кога воопшто немаме. Нашиот апел е, ако заживее кадаверичната трансплантација, тогаш и таа листа ќе биде зголемена. Мораме да пофалиме дека листа за чекање за жив донор од познат дарител веќе не постои, туку секој што ќе обезбеди бубрег од сроден дарител, веднаш, за кратко време додека се направат типизациите, се трансплантира“, кажа Ѓоргиев.

Од Здружението рекоа дека најмладиот член на дијализа има четири, а најстариот 92 години.

Директорката на Клиниката за нефрологија, доцент д-р Ирена Рамбабова-Бушљетиќ, меѓудругото, кажа дека водечки причини за развој на хронична бубрежна болест, сѐ уште се дијабетот и хипертензијата.

Според податоците на „Нефрон“, во државава се проценува дека хроничната бубрежна болест е застапена кај 10 отсто од населението, додека во краен стадиум на болеста на лекување со дијализа се 1.540 лица,

Светскиот дел на бубрегот се одбележува секој втор четврток од март во повеќе од 150 земји ширум светот. Во земјава се одбележува по 19. пат, под покровителство на Меѓународното здружение за нефрологија (ИСН) и Меѓународната федерација на бубрежни фондации (ИФКФ).

Како најчести причини за откажување на бубрезите, од Здружението „Нефрон“ ги посочуваат дијабетесот и кардиоваскуларните болести.

Велат дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економските трошоци за ХББ во терминалната фаза на болеста и затоа е потребен еднаков пристап до скрининг, рана дијагноза и квалитетен третман, како и едукација на пациентите и здравствените професионалци за прифаќање на новите методи и лекови.

Во земјава до јануари беа извршени над 500 трансплантации на Клиниката за урологија.

TRT Balkan
Популарни