Учесниците во истражувањето, речиси еднаков број на момчиња и девојчиња, беа на возраст меѓу 9 и 19 години на почетокот на студијата / Photo: Reuters

Карантините за време на пандемијата на Ковид како што се затворањето на училиштата, откажаните спортски активности и наредбите за престој дома, предизвикаа мозоците на тинејџерите да остарат предвреме и тоа за дури четири години, открија научниците од Универзитетот во Вашингтон.

Нова студија, објавена во понеделникот во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences, е дополнителен доказ дека пореметувањата во секојдневните рутини може да придонесат за развој на проблеми во однесувањето, пораст на нарушувања во исхраната и развој на анксиозност и депресија кај адолесцентните девојчиња и момчиња.

Научниците од универзитетскиот Институт за истражување и наука на мозокот (И-ЛАБС) ја започнаа студијата користејќи магнетна резонанца уште во 2018 година за да утврдат како структурата на мозокот на 160 тинејџери од областа Сиетл се развивала со текот на времето. Учесниците во студијата, речиси еднаков број на момчиња и девојчиња, беа на возраст меѓу 9 и 19 години на почетокот на студијата.

Водачот на истражувањето, Патриша Кул, еден од директорите на И-ЛАБС, рече дека не можеле да ги следат скенирањата на мозокот до 2021 година, откако започна карантинот за Ковид во 2020 година, па го префрлија фокусот на студијата за да откријат како изолацијата влијаела на структурата на адолесцентен мозок.

Со мерење на дебелината на церебралниот кортекс - надворешниот слој на мозочното ткиво што ги контролира неговите функции на повисоко ниво, како што се расудувањето и одлучувањето - тие открија дека мозокот на тинејџерите остарел предвреме - за 1,4 години, додека скенирањето на мозокот на девојчињата покажало забрзано стареење за дури 4,2 години, покажа студијата.

Церебралниот кортекс природно се разредува како што старееме. И хроничниот стрес може да предизвика слични промени во мозокот. Но во периодот од три години помеѓу првото скенирање и следењето, церебралниот кортекс кај тинејџерите се разреди многу повеќе отколку што очекуваа истражувачите.

„Како што старееме, истенчувањето на кортексот е поврзано со помалку време за брза обработка на податоците, помалку флексибилно размислување и сите други проблеми кои ги поврзуваме со стареењето. Генерално, го забележавме ова забрзано стареење кај сите тинејџери кои учествуваа во истражувањето“, рече Кул.

Стареењето на мозокот е поизразено кај тинејџерките

Стареењето на мозокот било поизразено кај тинејџерките. Скенирањето покажа дека истенчувањето е широко распространето низ мозокот на девојчињата, што се случува во 30 региони во двете хемисфери и во сите лобуси.

Во машкиот мозок, истенчувањето беше ограничено на само два региони, и двата во окципиталниот лобус, кои влијаат на перцепцијата на растојанието и длабочината, препознавањето на лицето и меморијата.

Поголемото влијание врз девојчињата може да се должи на разликите во важноста на социјалната интеракција за девојчињата во споредба со момчињата, според Кул.

Момчињата се собираат за спорт и физичка активност, а девојчињата адолесценти имаат тенденција да се потпираат на личните односи за емоционална поддршка и развој на сопствениот идентитет.

„ Кога девојките и жените се под стрес, постои природна реакција да се соберат и да разговараат за тоа, кога се ослободуваат окситоцинот и другите невротрансмитери кои ни помагаат да се чувствуваме подобр“о, рече д-р Елен Ром, шеф на адолесцентната медицина во Детската болница на Клиниката во Кливленд, која не учествувала во истражувањето.

Што значи предвременото стареење на мозокот во секојдневниот живот на младите луѓе кои биле принудени да се справуваат со пандемични ограничувања, често сами во своите соби, да посетуваат настава преку Зум или без социјални врски?

Дали постојат долгорочни ризици за „пандемските мозоците“?

„Истражувањето не укажува дека карантините предизвикале промени во мозокот. Имено, нарушувањата на менталното здравје беа во пораст кај децата и пред пандемијата на Ковид. Но, студијата сугерира дека истенчувањето на кортексот може да биде поврзано со зголемена анксиозност, депресија и други нарушувања во однесувањето“, рече Кул.

Друга студија за скенирање на мозокот, спроведена во 2022 година на Универзитетот Стенфорд, покажа слични промени во дебелината на кортикалниот мозок кај тинејџерите за време на ограничувањата на Ковид.

Истражувачите од Стенфорд го споредија стресот и нарушувањата предизвикани од пандемијата со детските трауми, како што се насилството, запоставувањето и семејната дисфункција.

Кул истакнува дека пандемијата беше трауматично време за сите, особено за младите луѓе кои доживуваат интензивни промени во нивниот емоционален и бихејвиорален развој во тој период од нивниот живот. Изолацијата имаше уште поштетно влијание врз нивното емоционално здравје.

„Пандемијата беше драматична и неочекувана, на некој начин драматична и катастрофална не само за физичкото, туку и за менталното здравје, смета таа.


TRT Balkan / агенции
Популарни