Новиот енергетски пијалок „Прајм“ кој стана вирално популарен кај децата и тинејџерите е ставен под лупа поради неговото потенцијално опасно ниво на кофеин.
Експертите велат дека во едно шишенце енергетски пијалок „Прајм“ има кофеин колку во три еспреса.
Во споредба со други познати енергетски пијалоци, „Прајм“ има двојно повеќе кофеин од количината.
Според информациите на производителот постојат два вида „Прајм“ пијалоци. „Прајм Хидрејшн“ и „Прајм Енерџи“.
„Прајм Хидрејшн“ е спортски пијалок кој не содржи кофеин и шеќер додека пак „Прајм Енерџи“ е енергетски пијалок кој содржи 200 мг кофеин.
Иако пијалокот не е наменет за лица под 18 години, сепак, реалноста не е таква и покажува дека најголемите потрошувачи на овој пијалок се тинејџери.
Како во земјите од светот така и во земјите на Балканот „Прајм“ стана вистинска сензација кај младите.
Големата популарност на енергетскиот пијалок „Прајм“ во регионот ги крена лекарите на нозе, па така Словенија ја забрани кофеинската верзија на овој енергетски пијалок, бидејки откриено е дека истата содржи Л-теанин, состојка која не е дозволена во безалкохолните пијалоци во ЕУ.
Слична е и ситуацијата во Хрватска. Министерот за здравство побара итно ограничување на потрошувачката на енергетскиот пијалок „Прајм“ поради недозволивата супстанца.
„Прајм“ стана популарен кај младите и на македонскиот пазар.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство на македонскиот пазар нема пласирано небезбеден безалкохолен пијалак. Во земјава, се продава само безалкохолниот пијалак „Прајм Хидрејшн дринк“ за кој АХВ има издадено одобрение за ставање во промет.
„Кај нас е одобрена верзијата без кофеин т.е. производи декларирани како пијалаци за хидратација кои се збогатени со витамини и амино киселини, со различни вкусови. За овие производи постои Мислење од Фармацевтски факултет дека истите можат да се употребуваат како збогатена храна, почитувајќи ги препораките за консумација и предупредувањата наведени на означувањето на овие производи.“- велат од Агенцијата во своето соопштение.
Слична е и ситуацијата со земјите во светот.
„Прајм Енерџи“ е забранет во Нов Зеланд, Канада, Холандија, Данска, но и во училиштата во Јужна Африка, Обединетото Кралство и САД.
Пред една година презентацијата на „Прајм“ во живо ја следеа повеќе од 40 милиои корисници на социјалните мрежи.
Овој пијалок е лансиран од јутуберите Логан Пол и КСИ во 2022 година.