Една нова студија спроведена на лабораториски глувци сугерира дека редовниот ритам на вежбање носи повеќе здравствени придобивки.
Иако постои централен телесен часовник во мозокот кој се наоѓа во супрахијазматичното јадро, сместен во базалниот дел на предниот хипоталамус, постојат и други периферни телесни часовници.
Супрахијазматичното јадро е важно бидејќи го регулира деноноќниот ритам.
Нашиот централен часовник на централниот нервен систем делува како главен пејсмејкер за производство и одржување на деноноќниот ритам низ телото.
Според истражувањето на научниците од Универзитетот во Манчестер, вежбањето може да ги ресетира периферните телесни часовници во зглобовите и 'рбетот.
Доколку ова „ресетирање“ се случува во исто време секој ден, периферните часовници би можеле да бидат повеќе синхронизирани со главниот, откриле истражувачите.
Претходните истражувања покажаа дека несинхронизираните часовници во периферните ткива може да го зголемат ризикот од развој на здравствени проблеми како што се дијабетес и кардиоваскуларни болести, пренесува Science Alert.
- Нашите резултати покажаа дека физичката активност практикувана во текот на утрото е поврзана со дневните обрасци на циклусот сон/будење и ги пренесува информациите за времето од централниот часовник во мозокот, кој е чувствителен на светлина, до скелетното ткиво кое носи тежина. Тоа всушност испраќа сигнал до вашиот скелетен систем дека е време да се разбудите, објасни Кинг-Џун Менг, хронобиолог од Универзитетот во Манчестер.
За целите на студијата, научниците ги следеле периферните часовници во 'рскавицата, 'рбетот и мозокот на глувците додека тие вежбале на ленти за трчање во различни периоди.
Веќе е познато дека областите на зглобовите и 'рбетот се особено активни при физичка активност, а познато е и дека од нив се исфрла вода во текот на денот.
Ова делумно ги ресетира периферните телесни часовници дневно.
Тим научници откри дека физичката активност покрај процесот на осмоларност (намалување на водата) дополнително ги ресетира овие часовници и доколку се изведува според конзистентен распоред, го подобрува тајмингот на телесните часовници.
Резултатите се уште треба да се потврдат кај луѓето, но научниците веруваат дека е ефектот е сличен.
Здравјето на коските и зглобовите влијае на сè во нашето тело - од тоа колку добро успеваме да изведуваме спортски активности до веројатноста за повреда или развој на состојби како артритис.