Мажите кои спортуваат може да го намалат ризикот од девет видови рак / Photo: Reuters Archive

Истражувачите откриле дека мажите со добра кардио-респираторна кондиција имаат многу помала веројатност да развијат рак на главата и вратот, желудникот, панкреасот, црниот дроб, цревата, ректумот, бубрезите, белите дробови и хранопроводникот.

Кардио-респираторната кондиција се однесува на способноста на една личност да прави аеробни вежби, како што се трчање, возење велосипед и пливање подолги периоди.

Новата студија, објавена во Британскиот журнал за спортска медицина, вклучува резултати собрани од експерти од Шведска, кои следеле повеќе од еден милион мажи кои во просек имале 33 години. Учесниците во истражувањето служеле воен рок во Шведска помеѓу 1968 и 2005 година.

На почетокот на регрутирањето, мажите биле подложени на серија тестови кои проценувале повеќе фактори, вклучувајќи ја нивната висина, тежина, крвен притисок, мускулна сила и кардио-респираторна кондиција.

Во текот на периодот на следење, околу 84.000 развиле рак. Истражувачите откриле дека мажите со повисоко ниво на карди-ореспираторна кондиција во споредба со оние со пониски нивоа имале:

– 19 проценти помали шанси за развој на рак на главата и вратот.

– 39 отсто помали шанси за развој на рак на хранопроводникот

– 21 отсто помали шанси за развој на рак на желудникот.

– 40 отсто помали шанси за рак на црниот дроб.

– 18 отсто помали шанси за развој на рак на дебелото црево и 5 отсто помали шанси за развој на рак на ректумот

– 20 отсто помали шанси за развој на рак на бубрег.

– 42 отсто помали шанси за развој на рак на белите дробови.

– 12 отсто помали шанси за развој на рак на панкреасот.

„Овие резултати би можеле да се користат во креирањето на политиките за јавно здравје, дополнително зајакнување на поттикот за промовирање интервенции насочени кон зголемување на кардио-респираторната кондиција кај младите“, напишаа авторите.

Истражувачите, сепак, откриле и дека повисоката кардио-респираторна кондиција е поврзана со благо зголемен ризик од рак на простата -7 отсто и 31 отсто поголем ризик од рак на кожата.

Претходна студија која го испитуваше истиот збир на податоци сугерираше дека малото зголемување на ризикот од рак на простата не е поврзано со повисока стапка на агресивен рак на простата или смрт од рак на простата и може да се припише на поголем број на прегледи.

Авторите сугерираат дека повисоката стапка на рак на кожата може да се објасни со „поголема изложеност на УВ зрачење“.

TRT Balkan / агенции
Популарни