Падот на Атина под нацистите на 27 април 1941 година и последователната окупација на копното на Грција од Оската - со учество на Германија, Бугарија и Италија, ги разурна инфраструктурата, индустријата и земјоделството на земјата која веќе беше уништена по месеци на војување.
Оваа незавидна положба стана уште полоша, бидејќи нацистичката окупација применуваше безмилосна програма на економска експлоатација пропратена со рестрикции на суровини и храна во Грција за да има за облека, оброци и опрема за германските армии кои се бореа низ Европа.
Заедно со блокадата на Грција од страна на Сојузниците, ова доведе до драстичен недостиг на храна, особено во главниот град Атина и соседниот пристанишен град Пиреја.
Според грчкиот историчар Полимерис Воглис, најмалку 300.000 Грци умреле од глад или неухранетост за време на окупацијата која траела до октомври 1944 година.
„Туркије беше меѓу првите земји кои побрзаа да и помогнат на Грција која беше погодена од глад“, изјави Ибрахим Алтан генералниот директор на турската Црвена полумесечина.
Тој нагласи дека Туркије, чиешто население исто така се соочуваше со хроничен недостиг на храна бидејќи милиони мажи мораа да ги напуштат полињата поради воената мобилизација, не остана рамнодушна на маките низ кои поминуваше Грција.
„Првата пратка на хуманитарна помош од над 2.000 тони со риба, свинско, јајца и компири го напушти Истанбул на 6 октомври 1941 година натоварена на „СС Куртулуш“, турски носач кој ќе одигра клучна улога во олеснување на страдањата на многу Грци“, забележува Алтан.
Еден стар товарен брод, тогаш во функција веќе над 60 години, освен што пренесувал помош од над 8.000 тони претставувал и знак на надеж и солидарност кон Грција.
Алтан посочува дека, иако Куртулуш поради неповолните временски услови во февруари 1942 година потона во Мраморното Море на петтата пратка, по шестмесечниот неизбежен прекин, неговата мисија ја продолжија други турски бродови организирани од Владата на Туркије и Црвената полумесечина.
Товарните бродови „Думлупинар“, „Тунч“, „Коња“, „Гунејсу“ и „Аксу“ заедно превезоа најмалку 50.000 тони хуманитарна помош во Грција до 1946 година, додавајќи дека Думлупинар, исто така, донел околу 1.000 болни грчки деца на возраст од 13 до 16 години во Истанбул за да се опорават на безбедно место.
Според Чагла Дерја Тагмат, професорка на современа грчка историја на Универзитетот во Анкара, турската помош за Грција не започнала со Куртулуш, што буквално значи спасение, или бродовите кои потоа го наследиле.
Тагмат изјави дека, почнувајќи од есента 1940 година, Турците кои само пред две децении се бореле со соседот за својата независност, ги снабдувале Грците со тони сол и илјадници вакцини против тетанус и серуми за некроза.
„Целата помош не била финансирана од турската влада, која во тоа време била во тешка финансиска состојба, но дипломатијата и неутралноста на Анкара биле клучни за пренесување на огромната количина на неопходната храна преку Егејското Море, додека беснеел најсмртоносниот конфликт во светот“, рече Тагмат.
Таа има напишано и книга за турската хуманитарна помош за Грција за време на Втората светска војна базирајќи ја претежно на грчки извори.
„Покрај владата, многу турски професионални организации и обични луѓе дадоа придонес од сопствените заштеди во повиците за донации со кои се финансираше значителен дел од хуманитарните материјали“, додава таа.
„Многу Грци сè уште се сеќаваат и многу високо ја ценат помошта што ја испрати Туркије, вели Тагмат“, цитирајќи ги дел од направените интервјуа и архивски списи.
Тугба Ерај Бибер, експерт за турско-грчките односи на Универзитетот Мимар Синан во Истанбул, смета дека токму неутралниот статус на Анкара во поголемиот дел од војната бил инструментален за остварување на напорите за помош на Грција.
Таа вели дека од турските професионални здруженија кои испратиле материјали за помош до нивните грчки колеги имало новинари, банкари, спортисти и општински службеници.
Куртулуш, како прв товарен брод со хуманитарна помош кој пристигнал во Грција, брзо станал славен, прераснувајќи во знак на надеж во очите на многу Грци, особено на тие во Атина и Пиреја, вели таа.
Во една прилика, грчките новинари кои го посетиле Куртулуш за да се фотографираат, посочиле дека ќе започнат со собирање донации за да го купат бродот и да го претворат во музеј откако ќе заврши војната, рече Бибер, додавајќи дека дури имало идеи една од главните улици во Атина да биде именува според турската Црвена полумесечина.
„Значи дека неговото потонување било поразително за многумина, што делумно било изразено и од тогашниот грчки премиер Јоргос Цалакоглу кој преку медиумите ја изразил тагата на грчката нација“, вели таа.
Повикувајќи се на коминике од турската амбасада во Грција до Министерството за надворешни работи во Анкара, Бибер откри дека многу Грци сметале дека Куртулуш бил торпедиран.
Како што покажува сесрдната помош на Туркије за Грција за време на проблематичните времиња, важно е да се запамети дека односите меѓу двата историски соседи, Туркије и Грција, за среќа, не се одбележани само со спорови и тензии.