Војната во Украина е пресвртница за европската и западната безбедност, изјави албанскиот премиер Еди Рама на свеченото отворање на Светскиот форум на ТРТ во Истанбул.
„Инвазијата на Крим мора да беше црвена линија за која не може да се преговара и за ЕУ и за НАТО, за сите нас на Запад, но наместо тоа, ние продолживме да живееме во илузија дека таков голем прекршок само ќе доведе до продолжување на замрзнатите конфликти без реални и непосредни последици за безбедноста на Западот“, рече Рама.
Според него, тие илузии биле уништени кога Русија започнала војна против Украина на 24 февруари.
Осврнувајќи се на улогата на Туркије на глобалната сцена, албанскиот премиер рече дека Туркије придонесува за европската и глобалната безбедност со својот флексибилен и прагматичен пристап и нејзините напори да развие силни и добри партнерства.
„Туркије навистина служеше и може да послужи, на што сведочиме и денес, како посредник на многу традиционални безбедносни спорови, како и на новите безбедносни предизвици во областа на енергијата, снабдувањето со храна и миграцијата“, рече Рама.
Зборувајќи за мигрантската криза предизвикана од сириската граѓанска војна, Рама рече дека Туркије сама успеала да ја контролира кризата.
„Без Ангела Меркел немаше да се спаси честа на Европа. Таа беше таа што се залагаше за пречек на мигрантите во Германија во таа голема криза. Но без Реџеп Таип Ердоган ѕидовите на Европа немаше да издржат“, рече албанскиот Премиер.
Според Рама, Туркије е клучот за стабилноста на Европа.