Вооруженото беспилотно летало Бајрактар ТБ, на турската одбранбена компанија Бајкар, синоќа го собори сопствениот висински рекорд со моторот од домашно производство, достигнувајќи 33.000 стапки со пробен лет.
Од Бајкар е соопштено дека процесот на тестирање на леталото Бајрактар ТБ3 успешно продолжува.
Откако на 27 октомври 2023 година го направи својот прв лет за 100-годишнината на Република Туркије, успешно спроведувајќи тестови за перформанси на средни и големи височини, Бајрактар ТБ3 вчера го заврши тестот за перформансите на системот за големи височини, достигнувајќи рекордна височина.
Беспилотното летало успешно го заврши тестирањето во Центарот за обука и тестирање на летање АКИНЏИ во округот Чорлу во Текирдаг со моторот РД-170, развиен од турската компанија ТУСАШ моторни индустрии (TEI)
Висинскиот рекорд од 45.118 стапки му припаѓа на Бајрактар АКИНЏИ ТИХА, борбеното беспилотно летало кое исто така е развиено од Бајкар.
Беспилотното летало Бајрактар ТБ3 забележа вкупно 327 часа и 35 минути во пробни летови, вклучувајќи и извонреден 32-часовен континуиран лет со поминати 5.700 километри на 20 декември 2023 година.
Во март, оваа нова генерација на Бајрактар летала постигна уште една пресвртница со успешниот лет со домашно развиениот систем АСЕЛФЛИР-500, познат во светот по своите врвни перформанси.
Опремен со преклопни крила, Бајрактар ТБ3 ќе стане првото вооружено беспилотно летало што може да дејствува од бродови со кратки писти како онаа на турскиот брод ТЏГ Анадолу.
Овој напредок, заедно со неговата комуникациска способност надвор од видното поле, го позиционира како пионер во извидувачките, разузнавачките и мисиите за напади од следната генерација, што значително ги подобрува способностите на Туркије за одвраќање.
Компанијата Бајкар, која во голема мера е самофинансиер, е лидер во извозот од секторот на одбраната и авијацијата.
Извозот на Бајкар минатата година изнесуваше 1,8 милијарди долари, што сочинува над 90 отсто од неговиот приход и една третина од вкупниот извоз на тој сектор во 2023 година.
Како најголем светски извозник на беспилотни летала, Бајкар исполни 97,5 отсто од своите договори преку извоз, со договори потпишани со вкупно 34 земји, од кои со 33 земји за беспилотните летала Бајрактар ТБ2 и со девет земји досега за Бајрактар АКИНЏИ ТИХА.