Турскиот дрон Бајрактар TБ3 стана првото беспилотно летало кое успешно полета и слета на брод со кратка палуба.
Од Министерството за одбрана соопштија дека „оствариле уште еден сон“ во областа на наменската индустрија.
„Ова е моментот што го чекавме со голема возбуда и сонот се оствари. Нашиот Бајрактар TБ3 , нашата национална гордост, успешно го изведе првото полетување и првото слетување на воениот брод ТЦГ Анадолу. Им честитаме на сите кои придонесоа за ова да се случи и се радуваме на уште поубави денови кога нашата национална моќ дополнително ќе се зголемува“, се наведува.
Бајрактар TБ3, исто така, влезе во светската авијациска историја како првото беспилотно летало што слета и полета од брод со кратка писта.
Дронот на 19 ноември успешно полета од пистата на бродот ТЦГ Анадолу и по 46-минутен лет над местото каде што се спојуваат Егејското и Средоземното море, се врати и слета на истата писта без да користи опрема за поддршка за слетување.
„Овој пробен лет ја отвори вратата за нова ера во историјата на авијацијата и морепловството“, се вели во соопштението.
ТЦГ Анадолу е најголемиот турски воен брод што официјално и беше доставен на турската морнарица во април 2023 година.
Бродот е долг 231 метар и широк 32 метри, а може да превезе товар од околу 27 илјади тони.
Бајрактар TБ3 го направи својот прв лет на 27 октомври 2023 година.