Бајден не можел да се сети на клучни настани од животот, ниту кога починал син му, утврдила истрагата / Photo: AA

Американскиот претседател Џо Бајден видно вознемирен жестоко ја критикуваше истрагата која откри дека погрешно ракувал со строго доверливи податоци и дека не можел да се сети на клучни настани од животот.

„Памтењето ми е добро, немам проблеми со тоа“, кажа Бајден на вонреден брифинг синоќа.

Тој особено го критикуваше делот од извештајот на специјалниот советник Роберт Хур, независен истражител кој ја преиспитувал неговата ментална острина, дека не можел да се сети кога починал син му.

„Како, по ѓаволите, се осмелува да го каже тоа?“

Истрагата покажала дека Бајден намерно задржал и открил доверливи документи, но одлучено е дека нема да биде обвинет.

Специјалниот обвинител на министерството за правосудство Роберт Хур утврдил дека Бајден непримерно чувал доверливи документи кои се однесуваат на војската и надворешната политика во Авганистан додека бил потпретседател.

Во извештајот на Хур, кој со 81-годишниот претседател на САД разговарал повеќе од пет часа во рамки на истрагата, се наведува дека Бајден ни отприлика не можел да се сети кога починал неговиот син Бо.

„Искрено зборувајќи, кога ми го поставија тоа прашање, помислив дека тоа нив воопшто не ги засега. Не треба никој да ме потсетува кога тој (Бо Бајден) почина“, кажа американскиот претседател.

Тврди дека бил многу зафатен и среде решавање меѓународна криза кога одговарал на прашањата на специјалниот обвинител во октомври минатата година, веднаш по почетокот на војната на Израел во Газа.

Доверливи документи биле најдени во канцеларијата на Бајден во Вашингтон и во неговата резиденција во Вилмингтон, во сојузната држава Делавер.


AA
Популарни