Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го осуди упадот во комплексот на џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс) од страна на радикални Израелци, вклучително и министер.
„САД силно се спротивставуваат на посетата на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир на Храмова Гора на 13 август, што покажа бесрамно непочитување на историскиот статус кво во однос на светите места во Ерусалим“, рече Блинкен во соопштението од вчера.
Неговите забелешки следуваа откако околу 2.250 нелегални еврејски доселеници, како и Бен-Гвир, неговиот сопартиец од партијата Оцма Јехудит, министерот Јицак Васерлауф, и членот на Кнесетот на партијата Ликуд, Амит Халеви, упаднаа во комплексот за да го одбележат Тиша Б'Ав, годишниот ден на еврејскиот пост.
„Овие провокативни акции само ги влошуваат тензиите во клучен момент кога целиот фокус треба да биде ставен на тековните дипломатски напори за постигнување договор за прекин на огнот и обезбедување на ослободување на сите заложници и создавање услови за поширока регионална стабилност“, додаде Блинкен.
Истакнувајќи дека Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно ставил до знаење дека дејствијата на Бен-Гвир се „неконзистентни“ со израелската политика, Блинкен рече дека САД ќе се обрати до израелската Влада за да спречат слични инциденти во иднина.
„САД ја потврдуваат нашата посветеност на зачувување на историското статус кво и ќе продолжат да се спротивставуваат на едностраните чекори кои се контрапродуктивни за постигнување мир и стабилност и ја поткопуваат безбедноста на Израел“, додаде тој.
Џамијата Ал Акса се смета за трето најсвето место во исламот. Евреите ја нарекуваат оваа област Храмова Гора, верувајќи дека тоа е локација на два антички еврејски храма.
Израел го окупираше Источен Ерусалим, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Во 1980 година, Израел го анектираше целиот град, потег што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.