Американската влада го засилува притисокот врз ТикТок популарната апликација за кратки видеа, барајќи да го продаде мнозинскиот удел акции на кинеските косопственици или да се соочи со забрана.
Волстрит журнал прв го објави барањето за промена на сопственоста, а изворите сугерираат дека Комитетот за странски инвестиции на САД (ЦФИУС) едногласно препорачале кинеската фирма БајтДенс да отстапи од ТикТок за да создаде јасно одвојување од властите во Кина.
Владата на САД смета дека сопственоста на БајтДенс на ТикТок е закана за националната безбедност бидејќи милиони Американци ја користат апликацијата.
ТикТок ги оспори тврдењата велејќи дека присилната промена на сопственоста нема да го реши проблемот на националната безбедност и нема да наметне ограничувања за протокот на податоци или пристапот до нив.
Овој развој на настаните следи по долгогодишната загриженост на американските власти дека податоците од популарната апликација би можеле да паднат во рацете на кинеската влада. Апликацијата е забранета и на владините телефони во САД, Канада и ЕУ, а Шу Зи Чју извршниот директор на ТикТок треба да сведочи пред Конгресот на САД следната недела.
Трка за технолошка доминација
Според Адам Сегал, директор на Програмата за дигитална политика и сајбер простор при Советот за надворешни работи, „прашањето на ТикТок е само еден пример за општата технолошка трка меѓу САД и Кина, која најверојатно ќе се засили во наредните години“.
Натпреварот опфаќа широк опсег на области, вклучувајќи 5Г мобилна технологија, вештачка интелигенција, складирање и обработка на податоци на облак (cloud), полупроводници и сајбер безбедност.
САД и Кина се и главни играчи во глобалната технолошка индустрија, при што поголемиот број на водечки технолошки компании како Епл, Мајкрософт, Гугл и други се основани и имаат седиште во САД.
Во меѓувреме Кина прерасна во значаен технолошки центар во последните години со компании како Хјуавеј, Алибаба, Теншент кои добиваат глобална препознатливост и влијание.
Во САД една од главните грижи е поврзана со кражбата на интелектуална сопственост од кинески компании и улогата на кинеската влада во поддршката на домашната технолошка индустрија.
Како одговор, САД имплементираа низа мерки за ограничување на кинескиот пристап до клучните технологии, вклучително и контрола над извозот, ограничувања за инвестиции и ограничувања за визи за кинеските истражувачи и студенти.
Од неодамна и ТикТок е ставен на листата за надзор.
„Иако нема конкретен доказ дека ТикТок се употребува за собирање чувствителни податоци, можноста за злоупотреби не треба да се игнорира“, вели Пол Тиоло шеф на одделот за глобални технолошки политики во групацијата Евроазија.
Кина, од своја страна, се обиде да ја намали зависноста од технологијата произведена во САД и да стане самоодржлива во критичните области како што се полупроводниците и 5Г.
Ова вклучува значителни владини инвестиции во домашни технолошки компании и промоција на сопствените иновации.
Технолошката војна меѓу САД и Кина се смета за клучен фронт во поширокиот геополитички и економски натпревар меѓу двете земји, кој исто така вклучува трговија, финансии и воена моќ.
Значајниот исход од овој натпревар може да има импликации за глобалната рамнотежа на моќта и иднината на технолошката индустрија.