Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира денеска да објави царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД / Photo: Reuters

Европската комисија (ЕК) во понеделникот соопшти дека „нема оправдување“ за потенцијално воведување американски царини за челик и алуминиум на Европската унија, предупредувајќи дека таквиот потег би бил „незаконски“.

„ЕУ не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз. Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските компании, работници и потрошувачи од неоправдани мерки“, се вели во соопштението на Европската комисија.

„Генерално: воведувањето царини би било нелегално и економски контрапродуктивно, особено со оглед на длабоко интегрираните производни синџири што ЕУ и САД ги воспоставија преку трансатлантската трговија и инвестиции“, се вели во извештајот.

Беше нагласено дека со воведување тарифи, САД ќе ги оданочуваат своите граѓани, ќе ги зголемат деловните трошоци и ќе ја поттикнат инфлацијата.

„Понатаму, тарифите ја зголемуваат економската несигурност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари“, се додава.

Комисијата посочи дека не добила никакво официјално известување за воведување дополнителни царини за стоки од ЕУ.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира денеска да објави царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД.

Тој наведе дека овие даноци ќе важат за „секој челик и алуминиум што ќе влезе во САД“ и додаде дека ќе објави „реципрочни царини“ за одредени земји во вторник или среда, кои ќе стапат на сила речиси веднаш по објавувањето.

Канада и Мексико се двата најголеми трговски партнери на САД кога станува збор за челик, а Канада е најголемиот снабдувач со алуминиум.

За време на неговиот прв мандат, Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од Канада, Мексико и ЕУ, но една година подоцна беше постигнат договор со Канада и Мексико за укинување на овие тарифи, додека даноците за увоз од ЕУ останаа на сила до 2021 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни