Туркије испорача над 85.000 тони хуманитарна помош во Газа / Фото: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја истакна критичната потреба исламскиот свет да ги остави настрана разликите и да се обедини за поддршка на палестинскиот и либанскиот народ во нивната праведна борба против израелската агресија, јавува Анадолу.

Говорејќи на отворањето на 40-тата сесија на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка на Организацијата за исламска соработка (COMCEC) во Истанбул, Ердоган рече дека во Газа се случува еден од најбруталните геноциди на векот.

„За исламскиот свет е од големо значење да ги остави настрана разликите и да ги поддржи палестинскиот и либанскиот народ“, додаде тој.

„'Ционистичкиот режим' и неговите поддржувачи вршат секакви угнетувања и геноцид цели 13 месеци, но не успеаја да ги покорат Палестинците“, рече турскиот претседател.

„Туркије испорача над 85.000 тони хуманитарна помош во Газа, со поддршка на египетските власти“, истакна Ердоган.

Тој додаде дека еден од најдобрите одговори на ционистичката агресија врз Газа и Либан е признавањето на палестинската држава од што е можно повеќе земји.

Израел продолжи со својата разорна офанзива врз Газа по нападот на Хамас минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади врз енклавата убиени се над 43.300 Палестинци, главно жени и деца, а над 102.000 се повредени.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна во Газа.

AA
Популарни