Седум кандидати во трката за претседател на Црна Гора / Photo: AA

Предизборната кампања во пресрет на претседателските избори во Црна Гора е веќе во тек, а на улиците низ градовите низ државата уште од првиот ден од изборната кампања се поставени плакати и билборди со кандидатите и со политички пораки.

Претседателските избори во Црна Гора се закажани за 19 март, а во трката за претседател се седум кандидати. На изборите ќе учествуваат актуелниот претседател и лидерот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ, претседателот на Новата српска демократија Андрија Мандиќ, заменик претседателот на Движењето „Европа сега“ Јаков Милатовиќ и лидерот на Демократите Алекса Бечиќ.

Кандидати се и пратениката на Социјалдемократската партија Драгиња Вуксановиќ Станковиќ, лидерот на Обединета Црна Гора Горан Даниловиќ и инфлуенсерот Јован Радуловиќ.

На улиците на Подгорица, главниот град на Црна Гора, можно е да се видат плакати од сите големини со пораки на претседателските кандидати. На билбордите се политичарите со изборните слогани. Претседателските избори во Црна Гора, четврти од обновата на независноста и седми од воведување на повеќепартискиот систем, ќе се одржат на 19 март оваа година.

Се очекува изборната трка за претседател на државата да биде најнеизвесна од 2006 година, кога Црна Гора ја обнови независноста и дека победникот ќе биде познат по двата круга на изборите.

TRT Balkan / агенции
Популарни