Неколку земји од регионот спроведуваат реформи на пензиските системи / Photo: ТРТ Балкан

Србија и Албанија се двете држави од Западен Балкан кои со планираните реформи на пензискиот систем во блиска или подалечна иднина ќе ја изедначат старосната граница за заминување во пензија на мажите и жените. Во Србија реформите предвидуваат тоа да се случи за нешто повеќе од осум години од сега, а во Албанија дури во 2056 година.

Во Босна и Херцеговина и Косово веќе постои изедначување на старосната граница. Во БиХ како и во Црна Гора во тек се реформи кои овозможуваат предвремено заминување во пензија во различни категории.

Во продолжение краток осврт на условите за пензионирање во државите од регионот.

Иста старосна граница за пензионирање во Србија до 2032

Од денеска жените во Србија заминуваат во пензија со навршени 63 години и осум месеци, а мажите со 65 години. И за едните и за другите важи условот за минимум 15 години стаж. Исто така мажите и жените можат да заминат во пензија ако имаат 45 години стаж,без оглед на возраста.

Законските услови за жените и мажите ќе се менуваат до 2032 година. До тогаш е предвидено сите да заминуваат во пензија на иста старосна граница. Кај жените секоја година ќе се додаваат по два месеци, а кај мажите условот ќе биде ист. Реформата почна да се спроведува во 2015 година.

Вработените во некои индустрии имаат бенифциран стаж и можат порано да заминат во пензија на 50 или 55 години.

Албанија ќе ги изедначи мажите и жените во 2056

И Албанија преку пензиска реформа ќе ги изедначи старосните услови за заминување во пензија на мажите и жените. Но тоа целосно ќе се имплементира дури во 2056 година.

Сега мажите заминуваат во пензија со 65 години, а жените со 61 година и осум месеци.

До 2056 кај жените условот за возраста секоја година се зголемува за два месеци. Кај мажите до 2033 условот од 65 години ќе остане непроменет, а потоа секоја година ќе се зголемува за еден месец. На тој начин сите ќе заминуваат во пензија на 67 години.

Во Косово во пензија на 65 години

Во Косово условите за пензионирање на мажи и жени се исти. Тие можат да се пензионираат со 65 годишна возраст. Постојат и неколку категории на лица со бенефиции во пензиите. Делумно поради воени или социјални причини предизвикани од воениот конфликт во 1999.

Мажите на 64, жените на 62 години во пензија во Северна Македонија

Во Северна Македонија услов за стeкнување право на пензија се возраста и годините работен стаж. Мажите се пензионираат на 64, а жените на 62 години. И за мажите и за жените важи условот да имаат минимум 15 години работен стаж.

Одредени категории како и во други држави можат да имаат бенефициран стаж и 12 месеци стаж им се пресметуваат од 13 до 18 месеци, во зависност од позицијата.

Во БиХ во пензија и порано од предвиденото

Законските услови во Босна и Херцеговина предвидуваат заминување во пензија со 65 години возраст и најмалку 15 години пензиски стаж или 40 години стаж без оглед на возраста. Од 2018 година во земјата во тек се реформи според кои е овозможено мажите и жените порано да заминат во пензија, но со драстично повеќе години стаж од минимумот од 15 години. Па така мажите следната година ќе можат да заминат во пензија на 63 години и шест месеци, но со 38 години и шест месеци стаж, додека жените на 58 години и шест месеци и 33 години и шест месеци стаж. Границите се зголемуваат секоја година за шест месеци. До 2026 за мажите и до 2036 година за жените.

Бенефиции за пензионирање на жените во Црна Гора

Условот за пензија на мажите во Црна Гора е 66 години возраст и минимум 15 години стаж додека за жените 64 години и минимум 15 години стаж. Или условот за пензија ќе биде исполнет ако маж или жена во Црна Гора има 41 година стаж и 61 година возраст. Во земјата е во тек реформа според која до 2028 година за жените се предвиден бенефиции. Односно тие можат да заминат во пензија од 62 години и девет месеци оваа година до 63 години и девет месеци во 2028 година.

TRT Balkan
Популарни