Хрватска ќе му помогне на Косово на евроатлантскиот пат / Photo: AA

Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денеска се сретна со министерката за надворешни работи и дијаспора и потпретседателката на Владата на Република Косово, Доника Гервала-Шварц, со која разговараше за поддршката на Косово на евроатлантскиот пат.

Хрватска и Косово се пријателски и партнерски земји со одлични билатерални односи, порачаа министрите по состанокот во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска.

„Хрватска силно го поддржува пристапувањето на Косово во сите меѓународни организации, вклучувајќи го Советот на Европа и ЕУ и спремни сме да помогнеме во преносот на нашето знаење, со своето знаење и искуство, во потребните реформски процеси, со оглед на тоа дека Хрватска ги остварила сите свои надворешно-политички приоритети и стратешки цели. Ја поздравувам посветеноста на косовската Влада на европскиот пат на Косово и охрабрувам продолжување на реформите“, изјави хрватскиот министер.

Двајцата министри разговараа и за политичката ситуација на југоистокот на Европа, вклучувајќи го дијалогот на Косово и Србија. „Нагласив дека европскиот пат на сите шест држави, темелот на индивидуалниот пристап и доследното и потполно исполнување на сите критериуми е единствен исправен пат. Во поширока геополитичка смисла, Косово со проевропските ставови во својата надворешна политика се покажува како доверлив партнер. Ја истакнав хрватската посветеност во заговарањето на што поскората визна либерализација за косовските граѓани за да се овозможи понатамошната перспектива и европски пат на Косово“, заклучи Грлиќ Радман.

Косовската министерка истакна дека „Хрватска и Косово рано се одвоиле од Југославија, комунистичката диктатура во која доминираше српската економска и националистичка политика, со цел постигнување на демократијата и сувереноста, во процесот во кој се соочија со ист агресор“.

„Ни преостанува да ги оствариме заедничките сништа кон евроинтеграциите. Целта на граѓаните и на Хрватска и на Косово е евроатлантскиот пат. Помошта на Хрватска на нашиот евроатлантски пат никогаш не изостана. Додека Косово не стане членка на евроатлантското семејство, имаме многу заедничка работа“, порача Гервала-Шварц.

Министерката Гервала-Шварц му честиташе на хрватскиот колега за успешната интеграција во Шенген и еврозоната и се заблагодари за брзата и ефикасна помош што Владата на Република Хрватска им ја пружила на косовските граѓани кои беа повредени во автобуската несреќа кај Славонски Брод.

Оценето е дека економските односи на двете земји се во нагорен тренд,што го покажува и вкупната трговска размена во 11-те месеци од 2022 година, која е повисока за над 23 отсто во однос на истиот период од претходната година.

Неодамна во Приштина се одржа заеднички косовско-хрватски економски форум на кој заедно со хрватскиот министер за економија Давор Филиповиќ учествуваа околу 50 претставници на хрватски и околу 80 претставници на косовски компании.

TRT Balkan / агенции
Популарни