Грција собира помош за погодените од земјотресите во Туркије и Сирија

Грција собира помош за погодените од земјотресите во Туркије и Сирија

Од главниот град на Грција, Атина се испратени повеќе од 50 камиони производи за основни потреби
За многу луѓе сликите од Туркије и Сирија ги враќаат сеќавањата на катастрофалниот земјотрес од 5,9 степени во Атина во 1999 година / Photo: AA

Просторот пред влезот на општинската зграда во Атина деновиве беше преполн со кутии хуманитарна помош за погодените од земјотресите во Туркије и Сирија. Облека, лекови, храна се донираа не само во главниот град туку и во други делови на Грција.

„Пет дена собиравме хуманитарна помош за основни потреби од цела Атина. Имаше 27 места каде граѓаните од цела Атина можеа да остават основни производи, лекови, храна, ќебиња и други предмети“, изјави Катерина Гагаки, заменик-градоначалничка на Атина за социјална солидарност и граѓанско општество.

Освен граѓаните хуманитарна помош донираа и 50 компании на сите 27 собирни места. Гагаки изјави дека оваа акција нема да биде последна.

Кибел Ласкари е основач и раководител на здружение за културна заштита и благосостојба на животните, но сепак тие беа дел од акцијата за погодените од земјотресите.

„Доколку сите сфативме дека оваа несреќа што се случи веднаш до нас, случајно не ја погоди нашата земја ќе бидеме уште поподготвени да помогнеме. Кога дознавме за страшниот земјотрес во нашата соседна Туркије ги гледавме потресните слики кои беа емитувани на медиумите. Овие напори го одразуваат „нашиот главен принцип дека секој чин, без разлика колку е мал, на крајот прави разлика “, рече Ласкари.

Здружението и волонтерите собраа облека, ќебиња, лекови, средства за хигиена и храна.

„Болката и потребата за помош се доживуваат на ист начин за сите. Оваа акција не е направена за да се земе заслуга, туку за да се поттикнат другите да го сторат истото”, рече Ласакари.

За многу луѓе сликите од Туркије и Сирија ги враќаат сеќавањата на катастрофалниот земјотрес од 5,9 степени во Атина во 1999 година, во кои 143 луѓе ги загубија животите, а стотици беа повредени.

Тринаесет часа по земјотресот, тим од 20 спасувачи од Туркије пристигна во Атина.

„Во овие видови на трагедии, нема такви работи како раса или боја или политички идеологии. Има само болка и сите треба да учествуваме во хуманитарните акции”, рече Ласкари.

Црквата Света Троица во Атина исто така учествуваше во хуманитарната акција за погодените во земјотресите во Туркије и Сирија.

„Поминав часови плачејќи и гледајќи ги на телевизија тие слики на деца кои плачат откако ги загубија семејствата. Каква агонија живеат овие луѓе“, изјави отец Маркус.

Тој успеа да собере 50 кутии со неопходна помош кои ќе бидат испратени во Црвениот крст, а потоа ќе бидат транспортирани во земјите погодени од земјотресот.

Маркус три недели се молел за жртвите и оние кои ги бараат нивните најблиски.

„Тоа е најмалку што можам да направам. Сите сме едно. Ние сме луѓе и треба да имаме солидарност и емпатија меѓу нас“, рече тој.

Само во Туркије, повеќе од 46.100 луѓе загинаа во земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала на 6 февруари, со епицентар во провинцијата Кахраманмараш, кои погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 провинции.

AA
Популарни