Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на посетата на Багдад оствари средба со ирачкиот претседател Абдул Латиф Рашид.
Средбата во Багдадската палата беше затворена за новинарите. Турскиот претседател Ердоган денеска пристигна во официјална посета на Багдад, главниот град на Ирак.
За време на средбата, на која се разговараше за билатералните односи меѓу Туркије и Ирак, нападите на Израел врз Газа, регионалните и глобалните прашања и борбата против тероризмот, Ердоган рече дека Туркије има очекувања од Ирак во однос на борбата против терористичката организација ПКК и дека Ирак треба да биде исчистен од сите форми на тероризам.
Наведувајќи дека за стабилноста на Ирак е важно односите меѓу Багдад и Регионалната влада на Ирак да се на добар пат и Туркмените да ја добијат позицијата што ја заслужуваат, Ердоган истакна дека продолжуваат напорите да се запре израелското угнетување во Газа и дека муслиманските земји мора да дејствуваат обединето во овој процес.
Во делегацијата предводена од Ердоган, меѓу останатите се и министерот за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, министерот за одбрана Јашар Ѓулер, министерот за трговија Омер Болат, министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар и шефот на Директоратот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.
Ердоган во рамките на неговата еднодневна посета на Багдад ќе оствари средба и со премиерот Мухамед Шија ал Судани.
Ердоган и Ал Судани потоа ќе одржат заедничка прес-конференција, а планирано е да се потпишат бројни договори меѓу двете држави.
Турскиот претседател ќе го посети и градот Ербил во рамки на посетата на Ирак.