Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас по денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ изјави дека министрите разговарале и за односите на Унијата со САД, оценувајќи дека Вашингтон е најблискиот сојузник на Брисел.
Таа нагласи дека политиките на новата американска администрација имаат големи импликации за Брисел и дека Европа и Северна Америка заедно се посилни и побезбедни, наведувајќи дека е подготвена да го посети Вашингтон што е можно поскоро.
Калас нагласи дека ослободувањето на израелските заложници е добра вест, како и враќањето на Палестинците во северниот дел на Појасот Газа.
„Примирјето е кревко, но се почитува. Ние ја поддржуваме неговата имплементација, вклучително и прераспоредувањето на нашата цивилна мисија во Рафах за следење на граничните контроли. Повторното отворање на преминот ќе овозможи трансфер на повредени од Газа на лекување“, рече Калас, како што е објавено на веб-страницата на Европската унија за надворешни работи (ЕЕАС).
Калас рече дека и Израелците и Палестинците навистина заслужуваат мир и дека траен мир бара решение кое вклучува формирање на две држави на еднаква основа.
Таа посочи дека ЕУ ја поддржува хуманитарната помош за Газа преку Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА).
Кога станува збор за Либан, Калас истакна дека ЕУ веќе ја зголемила поддршката на 60 милиони евра за либанските вооружени сили.
Таа, исто така, рече дека на средбата било договорено дека „состојбата е зрела“ за одржување на Советот за асоцијација ЕУ-Либан оваа година.
Калас истакна дека разговарале и за, како што наведе, „постојаните закани на Иран за меѓународниот мир“.
„Земјите-членки јасно ставија до знаење дека практиката на Техеран да приведува странски државјани поради политичко влијание мора да престане. Но во блиска иднина ќе имаме и подлабока дискусија за Иран и политиката ЕУ-Иран“, рече Калас.
Кога станува збор за Африка, Калас истакна дека ЕУ внимателно ја следи кризата во Источен Конго.
Таа додаде дека министрите за надворешни работи на ЕУ ја повикале Руанда да престане да ги поддржува бунтовниците во Конго и да ги повлече своите војници.
„Нападите врз мировниците на Обединетите нации се неприфатливи“, посочи Калас.