Пекинг ги отфрли како „лажни“ тврдењата дека во Министерство за финансии на САД е извршен хакерски пробив, односно дека е извршен „голем инцидент со сајбер безбедноста“.
„На овие неосновани обвинувања им недостасуваат докази“, изјави Мао Нинг портпаролката на Министерството за надворешни работи во Пекинг.
Коментарите на Мао дојдоа како одговор на извештајот на Њујорк тајмс во кој се тврди дека кинеска хакерска група поддржана од државата се инфилтрирала во американското Министерство за финансии, добивајќи неовластен пристап до владините работни станици и некласифицираните документи.
„Кина отсекогаш се спротивставуваше на сите форми на хакерски напади, а ние сме уште повеќе против ширењето на лажни информации насочени кон Кина за политички цели“, рече Мао, отфрлајќи ги тврдењата на Њујорк Тајмс.
„Врз основа на достапните показатели, инцидентот и се припишува на хакерската група Напредна постојана закана (АПТ) спонзорирана од кинеската држава“, се вели во пријавата на Министерството за финансии до обвинителството.
Наводно, хакерите користеле безбедносен клуч за да добијат далечински пристап до одредени системи.
Официјални лица од Министерството за финансии забележаа дека компромитираната услуга била отстранета од интернет, додавајќи: „Нема докази дека кинеската страна сè уште има пристап до информациите од Министерството за финансии“.
Додека Кина негира вмешаност во такви напади, ова последно пробивање следи по други сајбер инциденти поврзани со Кина, вклучително и хакерски пробив насочен кон американските телекомуникациски мрежи.
Кина, исто така, ги истакна своите напори да соработува со САД за прашањата за сајбер безбедноста.