Пекинг се надева дека сите релевантни страни ќе работат на прекин на огнот во Украина и ќе воспостават ефективна и одржлива европска безбедносна рамка / Photo: AA

Кина ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) дека ја искористуваат украинската криза за свои геополитички цели, објавија државните медиуми, јавува Анадолу.

„Она за што САД се загрижени не е Украина, туку постигнување на својата геополитичка и стратешка цел преку украинската криза“, рече Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.

Ванг одговараше на изјавите на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, за време на сослушувањето во американскиот Сенат.

„Ако се гледа дека се оддалечуваме од поддршката за Украина, тоа не само што ќе предизвика сомнежи кај нашите сојузници и партнери во Индо-Пацификот, туку ќе ги поттикне амбициите на кинеското раководство во непредвидени ситуации од Тајван до Јужното Кинеско Море“, изјави Барнс пред сенаторите во понеделникот.

Во годишниот извештај за проценка на заканите за 2024 година, исто така објавен во понеделникот, американските разузнавачки агенции изјавија:

„Амбициозната, но загрижена Кина, конфронтираната Русија, некои регионални сили, како што е Иран, и поспособните недржавни актери ги оспоруваат долгогодишните правила на меѓународниот систем, како и приматот на САД во него.“

Се додава дека Кина „може да се обиде да влијае на изборите во САД во 2024 година на одредено ниво поради желбата да ги остави настрана кинеските критичари и да ги прошири американските социјални поделби“.

Ванг Венбин рече дека кинескиот специјален претставник за евроазиски прашања Ли Хуи ги посетил Русија, седиштето на Европската Унија, Полска, Украина, Германија и Франција претходно овој месец и разговарал со официјални лица за политичките решенија за украинската криза.

„Сите страни високо ги ценат напорите на Ли Хуи да ги промовира мировните разговори во име на Кина“, рече Ванг, истакнувајќи дека Пекинг искрено се надева дека „сите релевантни страни ќе работат на прекин на огнот и ќе воспостават избалансирана, ефективна и одржлива европска безбедносна рамка“.

AA
Популарни