На отворање на базата присуствуваше државниот врв на Полска и претставници на НАТО / Photo: AFP

Отворањето на американската база за противракетна одбрана во Полска е обид да се ограничи рускиот воен потенцијал и води кон преземање соодветни мерки, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Ова подобрување на американската воена инфраструктура кон нашите граници не е ништо повеќе од обид да се ограничи нашиот воен потенцијал, тоа води до усвојување соодветни мерки за обезбедување паритет“, рече Песков.

Соединетите Американски Држави денеска официјално ја отворија нова воздухопловна база во северниот дел на Полска, во градот Реџиково, како дел од системот за противракетна одбрана на НАТО.

Оваа база е симбол на силниот воено-стратешки сојуз меѓу Полска и САД, а нејзиниот развој трае од 2000-те.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека завршувањето на изградбата на базата ја потврдува решеноста на Соединетите Американски Држави да ја поддржат Полска, без оглед на политичките промени во Вашингтон.

„Полско-американскиот сојуз е силен, без разлика кој владее во Варшава или Вашингтон“, напиша Сикорски на мрежата Икс.

Базата се отвора во време кога во Полска постои загриженост за можна промена на американската надворешна политика по победата на Доналд Трамп на претседателските избори.


TRT Balkan / агенции
Популарни