Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков најави дека средбата на делегациите на Русија и САД ќе се одржи утре во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
На брифинг со новинарите во Москва, Песков рече дека руската делегација ќе ја предводат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и помошникот на претседателот за надворешни работи Јуриј Ушаков.
„Денеска во име на претседателот Владимир Путин, министерот за надворешни работи Лавров и претседателскиот помошник Ушаков летаат за Ријад. Утре се очекува да се сретнат со нивните американски колеги, а разговорите првенствено се фокусирани на обновување на целиот опсег на руско-американските односи“, рече Песков.
Тој додаде дека на средбата ќе се разговара за билатералните односи меѓу Русија и САД, подготовките за преговори за украинското решение и потенцијалната средба меѓу Путин и Доналд Трамп.
„Саудиска Арабија е избрана за место бидејќи е прифатливо за двете страни“, рече Песков, додавајќи дека разговорите за европско учество во преговорите за украинскиот договор се уште се прерани.