Кремљ денес ги демантираше извештаите во медиумите кои сугерираат дека имало телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
„Путин и Трамп во четвртокот имаа телефонски разговор за време на кој Трамп му рече на рускиот претседател да нема ескалација на тековната војна во Украина, која се приближува до својот 1.000-ти ден“, објавија медиумите, вклучително и „Вашингтон пост“, повикувајќи се на анонимни извори.
„Немаше таков разговор. Оваа информација не се заснова на факти. Ова се лажни информации“, изјави Песков за новинарите во Москва. Toj истакна дека таквите публикации се најочигледен пример за квалитетот на информациите што сега се објавуваат.
Велејќи дека сè уште нема конкретни планови за организирање телефонски разговор меѓу двајцата лидери, Песков посочи дека Кремљ гледа „извесна нервоза“ во Европа по реизборот на Трамп за претседател.
Песков рече дека е премногу рано да се зборува за промена на ставот на Европа во однос на војната во Украина.
„Во моментов читаме многу информации, не знаеме до кој степен одговараат на реалноста. Но, има изјави на европските претставници и официјални изјави, кои зборуваат за продолжување на нивната генерална линија на обезбедување секаков вид поддршка... обезбедување оружје во Украина за да се продолжи оваа војна до крај“, додаде тој.