Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара со неговиот американски колега Доналд Трамп за различни прашања, меѓу кои и нуклеарното разоружување, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Кремљ чека сигнали од Вашингтон“, рече Песков на брифингот со новинарите во Москва.
„Путин е подготвен; чекаме сигнали... сите се подготвени. Шпекулациите надвор од таа точка се залудни. Штом има нешто конкретно, ќе ве информираме“, рече тој.
По прашањето за нуклеарното разоружување, Песков истакна дека Москва е спремна да преговара со Вашингтон, под услов да се земат предвид и нуклеарните капацитети на американските сојузници Велика Британија и Франција.
„Во интерес на глобалната стабилност и благосостојбата на нашите земји, ние сакаме да го започнеме овој преговарачки процес што е можно поскоро. Сепак, сегашната реална ситуација бара да се разгледаат сите нуклеарни потенцијали, вклучително и оние на Франција и Британија. Игнорирањето на овие потенцијали во дијалогот повеќе не е можно“, рече тој.
Песков истакна дека е изгубено значително време за напорите за нуклеарно разоружување бидејќи САД ги прекинаа суштинските контакти со Русија за ова прашање.
„Правната рамка со која се регулира контролата на оружјето е сериозно поткопана, и не по вина на Русија. САД беа тие кои го прекинаа своето учество во меѓународните договори, разбивајќи ја оваа рамка“, рече тој.
Во врска со предлогот на Трамп дека пониските цени на нафтата би можеле да помогнат во решавањето на конфликтот во Украина, Песков го отфрли тоа, тврдејќи дека ситуацијата не е поврзана со цената на нафтата.
„Овој конфликт произлегува од заканите за националната безбедност по Русија, безбедноста на Русите кои живеат на одредени територии и одбивањето на Американците и Европејците да се справат со загриженоста на Русија. Цените на нафтата немаат никакво влијание со ова“, нагласи тој.
За наводната подготвеност на украинскиот претседател Владимир Зеленски за мировни преговори со Русија, Песков рече дека таквите тврдења се неосновани, бидејќи Зеленски законски ги забранил преговорите со Москва.