Лидерите на земјите на БРИКС- Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка- се собраа во Јоханесбург на самит каде што ќе го разгледаат проширувањето на блокот додека некои членки се обидуваат да го претворат во противтежа на Западот.
Зголемените глобални тензии предизвикани од војната во Украина и растечкото ривалство меѓу Кина и САД додадоа итност во обидот за зајакнување на блокот, кој на моменти страдаше од внатрешни поделби и недостаток на кохерентна визија.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса го угости кинескиот колега Си Џинпинг, водечкиот поборник за проширување на БРИКС, во државна посета во вторник наутро, пред состаноците со другите лидери на групата подоцна во текот на денот.
Бразилецот Луис Инасио Лула да Силва и индискиот премиер Нарендра Моди исто така присуствуваат на самитот од 22 до 24 август.
Рускиот претседател Владимир Путин, баран со меѓународна потерница за наводни воени злосторства во Украина, нема да допатува во Јужна Африка и наместо тоа виртуелно ќе се приклучи.
„Проширениот БРИКС ќе претставува разновидна група на нации со различни политички системи кои споделуваат заедничка желба за повеќе балансиран глобален поредок“, рече Рамафоса во обраќањето пред состаноците.
На дневен ред е и зајакнувањето на употребата на локалните валути на земјите-членки. Јужноафриканските организатори на самитот, сепак, велат дека нема да има дискусии за валутата БРИКС, идеја што Бразил ја изнесе на почетокот на оваа година како алтернатива на зависноста од американскиот долар.
Точка на спор
БРИКС и понатаму е различно група, почнувајќи од Кина, втората по големина економија во светот која сега се бори со забавување, до Јужна Африка, овогодишниот домаќин и економски „ситна рипка“ која се соочува со криза на електрична енергија што доведе до секојдневни прекини на струја.
Индија сè повеќе посегнува кон Западот, како и Бразил под својот нов лидер, додека Русија е погодена од западните санкции поради нејзината војна во Украина.
Две членки- Индија и Кина периодично се судираа долж нивната спорна граница, зголемувајќи го предизвикот во донесувањето одлуки во групата која се потпира на консензус.
Проширувањето одамна е цел на Кина, која се надева дека поширокото членство ќе даде влијание на групата која веќе е дом на околу 40 отсто од светското население и четвртина од глобалниот БДП.
Лидерите во вторник навечер ќе одржат мини-состанок и вечера на која најверојатно ќе разговараат за рамката и критериумите за прием на нови земји.
Но проширувањето стана спорна точка.
Русија сака да донесе нови членки за да се спротивстави на нејзината дипломатска изолација поради инвазијата на Украина. Јужна Африка, исто така, изрази поддршка.
Индија, која е претпазлива за кинеската доминација и предупреди за пребрзото проширување, има „позитивна намера и отворен ум“, рече во понеделникот министерот за надворешни работи Винај Кватра.
Бразил, пак, е загрижен дека проширувањето на БРИКС ќе го намали неговото влијание.
Додека „виси во воздух“ потенцијалното проширување на БРИКС, ветувањето на блокот да стане поборник на „глобалниот југ“ во развојот и да понуди алтернатива на светскиот поредок во кој доминираат богатите западни нации веќе добива одек.
Над 40 земји изразија интерес за приклучување кон БРИКС, велат јужноафриканските власти.
Од нив, речиси дваесетина формално побараа да бидат примени, а некои се очекува да испратат делегации во Јоханесбург.