Десничарот Бен-Гвир ја критикуваше администрацијата на Бајден, обвинувајќи го дека им „наштетил на воените напори“ во Појасот Газа / Photo: AA

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, вчера изјави дека не му е потребна помош за управување со односите со САД, во имплицитната критика на министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир.

„Не ми треба помош за да знам како да управувам со нашите односи со САД и меѓународната заедница, додека цврсто стоиме на нашите национални интереси како суверена држава што се бори за своето постоење и иднина“, рече Нетанјаху за време на состанокот на Владата, објави весникот „Једиот ахронот“.

Нетанјаху додаде дека самиот донесува одлуки, дури и во оние случаи кога нема договор со американските пријатели.

Израелскиот десничарски министер Бен-Гвир вчера ја критикуваше администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, обвинувајќи го дека им „наштетил на воените напори“ во Појасот Газа.

„Наместо да ни даде целосна поддршка, Бајден е зафатен со давање хуманитарна помош и гориво во Газа што одат за Хамас“, рече Бен-Гвир за весникот „Вол стрит журнал“.

Тој додаде дека доколку на власт би бил поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, однесувањето на таа држава би било сосема поинакво.

Бен-Гвир рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е „на раскрсница“ и дека „мора да избере во кој правец ќе оди“.

Премиерот на Израел рече дека неговата Влада ја цени поддршката на САД кон Израел од почетокот на судирите во Газа на 7 октомври.

„Тоа не значи дека немаме разлики во размислувањето, но досега успеавме да ги надминеме со одлучни и промислени одлуки“, додаде Нетанјаху.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.365 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 66.630 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Според податоците на Обединетите нации, 85 отсто од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

AA
Популарни