Кина и САД денес ги продолжија разговорите за тоа како да се борат против климатските промени по пауза од речиси една година.
Претставникот за климата на Пекинг, Кси Женхуа, и неговиот колега Џон Кери одржаа четиричасовна средба во главниот град на Кина, објави кинеската телевизија ЦГТН.
Двете земји ги прекинаа разговорите за климата откако тогашната претседателка на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, го посети Тајван во август минатата година.
Нагласувајќи дека климатските промени се прашање „со кое се соочува целото човештво“, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, рече дека Пекинг ќе го спроведе духот на Самитот што го одржаа претседателот Ши Џинпинг и неговиот американски колега Џо Бајден во ноември минатата година во Бали, Индонезија.
Кина, исто така, „ќе одржува длабинска размена со САД и заедно ќе работат на решавање на проблемот“, додаде таа.
Кери пристигна во Пекинг во неделата. Тој е трет висок американски функционер што ја посети Кина во последниве два месеца.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатиот четврток се состана со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји во главниот град на Индонезија, Џакарта.
Состанокот меѓу највисоките американски и кинески дипломати, кои беа во Џакарта на состаноците на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), дојде по речиси еден месец откако Блинкен го посети Пекинг.
Аналитичарите велат дека Вашингтон се обидува да ги стабилизира врските со Пекинг, особено разговорите за климатските промени и покрај силната реакција на Кина на посетата на Пелоси на Тајван.