Никој нема да победи во трговската војна меѓу Кина и САД, соопшти кинеската амбасада во Вашингтон откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе дополнителни царини од 10 отсто за увоз на сите производи од Кина кога ќе ја преземе должноста на 20 јануари.
Портпаролот на кинеската амбасада во САД, Лиу Пенџу изјави дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна, објави Ројтерс.
Трамп најави дека новите царини за Кина ќе важат додека не се запре протокот на нелегални дроги од таа земја во САД, особено фентанилот, а Лиу рече дека Кина презела чекори за борба против трговијата со дрога по договорот постигнат минатата година меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот
постигнат во операциите за спроведување на законот поврзани со борбата против трговијата со дрога“, рече Лиу.
Во јуни, главниот кинески обвинител ги повика властите да се фокусираат на борбата против трговијата со дрога.
Во август, неколку дена по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици, Кина соопшти дека ќе ги заостри контролите на трите хемикалии кои се неопходни за производство на фентанил.
Трамп синоќа најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина веднаш штом официјално стапи на должност како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.