Освен со континуирани протести за време на неговата посета на главниот град на Соединетите Американски Држави, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочи и со досега невиден бојкот од околу половина од демократите во Претставничкиот дом и Сенатот додека се обраќаше на заедничката седница на Конгресот синоќа.
Врз основа на исцрпната анализа на јавните изјави, медиумските извештаи и видеоснимките, Анадолу утврди дека историски број претставници на Претставничкиот дом и сенатори го прескокнале говорот на Нетанјаху. Вкупниот број од најмалку 96 пратеници е речиси двојно од бројот на демократите што го бојкотираа неговото обраќање во 2015 година - 58.
Огромниот обем на резервираност е во целосна спротивност со десетиците стоечки овации што Нетанјаху ги доби од многумина присутни пратеници вчера.
Додека многу пратеници претходно ја објавија својата намера да го бојкотираат обраќањето, претставничката Рашида Тлаиб, единствена палестинско-американска пратеничка, избра да присуствува, носејќи кефија и држејќи знак на кој пишува „воен злосторник“ на едната страна и „виновен за геноцид“, на другата страна.
Откако Нетанјаху го заврши своето обраќање, Тлаиб рече дека стоечките овации за израелскиот премиер се „одвратни“.
Сепак, нејзините критики не останаа единствени.
Ненси Пелоси, поранешната претседателка на Претставничкиот дом, говорот на Нетанјаху го нарече „најлошото“ обраќање на странски лидер во историјата на САД.
„Денешното презентирање на Бенјамин Нетанјаху во Претставничкиот дом беше убедливо најлошото од кој било странски достоинственик поканет и почестен со привилегијата да се обрати пред Конгресот на Соединетите Американски Држави“, истакна Пелоси на платформата X.
„Многумина од нас што го сакаат Израел поминаа време слушајќи ги израелските граѓани чии семејства настрадаа по терористичкиот напад и киднапирањата на Хамас на 7 октомври“, напиша таа. „Овие семејства бараат договор за прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома - и се надеваме дека премиерот ќе го потроши своето време за да ја постигне таа цел.“
За многумина демократи одлуката на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, и на лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, да го поканат Нетанјаху беше неоправдана пред сѐ поголемиот број жртви во Газа, што го отвори прашањето за лицемерство.
„Газа е десеткувана од страна на израелската војска користејќи оружје обезбедено од Соединетите Американски Држави. Над 39.000 Палестинци, главно жени и деца, се убиени, а секој ден се убиваат сѐ повеќе. Повеќето домови, инфраструктура, се уништени. И покрај тоа, што правиме ние? Му посакавме добредојде на Нетанјаху, одговорниот за ова, да се обрати пред Конгресот со раширени раце“, рече претставничката Самер Ли, една од десетиците што го бојкотираа.
„Кога Путин врши воени злосторства, ние го осудуваме. Кога Нетанјаху врши воени злосторства, му даваме изговори и бомби. Ова лицемерство не се изгуби во светот“, додаде таа само неколку часа пред говорот на Нетанјаху.
Тие чувства ги истакнуваат растечките несогласувања во Демократската партија, која до неодамна беше многу пообединета во поддршката за Израел.
Претставникот Ричи Торес, жесток бранител на континуираната поддршка на САД за Израел, рече дека присуствувал на говорот на Нетанјаху бидејќи сите разлики што тој може да ги има со израелскиот лидер „се далеку надминати од нераскинливата врска на односите меѓу САД и Израел, чија издржливост ќе го издржи тестот на времето.“
„Јас сум горд шампион на најголемото пријателство во светот. Отсекогаш сум бил ционист и секогаш ќе бидам. #AmYisraelChai“, додаде тој, користејќи хебрејска фраза што значи „народот на Израел живее“.
Додека Нетанјаху го држеше говорот на августовската седница во Капитол, илјадници демонстранти се собраа надвор, протестирајќи против него и против тековната војна на Израел во Појасот Газа, во која загинаа најмалку 39.100 Палестинци. Демонстрантите повикаа на итен прекин на огнот во Газа и ја осудија одлуката на израелскиот лидер да му се додели една од највисоките можни почести за странски лидер.
Мекензи Манс, една од демонстрантите, за Анадолу изјави дека „дивиот“ Нетанјаху кој е во посета на Конгресот, „врши геноцид во моментов“.
„Сметам дека е уште полудо што нашиот Конгрес го пречека и му дозволи да стапне во оваа земја и затоа сме тука. Затоа што не можете да убиете цел народ, а потоа да дојдете и да зборувате дека сте добар чове“, додаде Манс.
Американскиот претседател Џо Бајден денес треба да се сретне со Нетанјаху во Белата куќа за да разговара за ситуацијата во Газа, напредокот кон прекин на огнот и ослободувањето на заложниците. Нетанјаху ќе има одвоена средба и со потпретседателката Камала Харис.
Утре Нетанјаху се очекува да се сретне со републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп во неговата резиденција на Флорида.