Во периодот од 2012 до 2022 година убиени се 1.910 активисти за заштита на животната средина, а најголем дел од нив се во Јужна Америка, откриваат податоците на невладината организација „Глобален сведок“.
Статистиките за бројот на убиства на активисти се објавени во пресрет на Конференцијата за климатски промени на ОН - КОП28, која ќе се одржи во Обединетите Арапски Емирати овој ноември.
Извештајот покажува дека Колумбија е најсмртоносна држава за активистите, со вкупно 60 убиства во последната година. 88% од атентатите и убиствата на климатските активисти се случиле во Јужна Америка.
За изминатата година најсмртоносни држави за активистите се посочени Бразил со 34 убиства, Мексико со 31 убиство и Хондурас каде биле убиени 14 луѓе поради активности и протести поврзани со заштита на животната средина.
Во извештајот е нагласено дека во изминатата година биле убиени 177 активисти за животна средина на глобално ниво.
„Истражувањето уште еднаш покажа дека домородните заедници низ светот се соочуваат со непропорцинално ниво на смртоносни напади и како жртви заземаат една третина (34%) од убиствата на глобално ниво за изминатата средина, а опфаќаат само 5% од светската популација“, се вели во извештајот.
Иако домородните заедници имаат суштинска улога во справување со климатската криза тие се „под опсада“ во држави како Бразил, Перу и Венецуела смета Лаура Фуронес, постар советник во невладината организација „Кампања за бранителите на земјата и животната средина“.
Исто така во извештајот е нотирано дека компании со седишта во САД, Велика Британија и Европската Унија поддржуваат рударски ископи и сеча на дрво кои се закана за домородните заедници во Амазонската прашума и останатите погодени подрачја.