Соединетите Американски Држави (САД) испратија приватни предупредувања до Русија да го запре „опуштениот говор“ за нуклеарното оружје, предупреди американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Во интервју за „60 минути “, американски телевизиски магазин емитуван на телевизиската мрежа „Си би ес“ (CBS), Блинкен ги потврди извештаите дека Вашингтон преку приватни канали ја предупредил Москва да не користи нуклеарно оружје.
„Бевме многу јасни со Русите јавно, како и приватно, да го запре опуштениот говор за нуклеарно оружје“, рече Блинкен во Њујорк во рамките на Генералното собрание на ОН.
„Многу е важно Москва да слушне од нас и да знае од нас дека последиците ќе бидат ужасни. И ние тоа многу јасно го кажавме“, рече тој.
„Секоја употреба на нуклеарно оружје би имала катастрофални последици, се разбира, за земјата што го користи, но и за многу други“, додаде Блинкен.
„Си-ен-ен“ во петокот објави дека Стејт департментот бил вклучен во пренесувањето на предупредувањата, а САД можеби се потпирале и на чувствителни разузнавачки канали за комуникација со Русите.
Тоа беше објавено откако рускиот претседател Владимир Путин упати остро предупредување дека е подготвен да употреби нуклеарно оружје додека тој и неговите полномошници се подготвуваа да одржат гласање во областите во Украина контролирани од сепаратистите.
„Доколку биде загрозен територијалниот интегритет на нашата земја ние секако ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да ги заштитиме Русија и нашиот народ. Ова не е блеф“, рече Путин.
Изборите, кои САД и нивните сојузници ги осудија како „лажни“, започнаа во петокот и треба да траат до вторник.
Регионот Луганск, под контрола на сепаратистите, како и Доњецк, Херсон и Запорожје, кои се делумно под руска контрола, ги објавија плановите за референдумите на почетокот на неделата.