Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претсдател Доналд Трамп повика на стабилни врски со САД и покрај обвинувањата на Берлин дека советникот на Трамп Илон Маск се обидува да се меша во претстојните општи избори во Германија.
„Трансатлантските односи се од најголема важност за Германија и за Европа. А НАТО е гарант за нашата безбедност. Затоа ни требаат стабилни односи со САД“, изјави Шолц за весникот Рајнише пост.
Канцеларот истакна дека веќе двапати разговарал со Трамп по телефон.
„Тоа беа многу пријателски и добри разговори. Нашите советници исто така се сретнаа неколку пати. Значи, не почнуваме од нула со новата администрација“, додаде тој.
Осврнувајќи се на неодамнешните територијални претензии на Трамп кон Гренланд, Канада и Панамскиот канал, Шолц рече дека Европејците се залагаат за правила кои долго време се договорени на меѓународно ниво.
„Едно правило е: Границите не смеат да се поместуваат со сила“, повтори германскиот канцелар.
Забелешките на Шолц дојдоа само еден ден откако Андреас Михаелис, германскиот амбасадор во САД, изрази стравување од фундаментална промена во американскиот политички систем под Трамп.
„Трамп спроведува агенда на максимално нарушување, предупреди Михаелис во доверлив документ.
Односите меѓу Берлин и Вашингтон се затегнати бидејќи Маск, кој треба да служи како советник на идниот претседател, ја повтори својата силна поддршка за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија АФД пред општите избори на 23 февруари во Германија .
„Ако не сте задоволни од ситуацијата, мора да гласате за промена. И затоа јас навистина силно препорачувам луѓето да гласаат за АфД. Затоа тоа е мојата силна препорака. И мислам дека ова е едноставно разумен потег. Всушност, јас, како што кажав јавно, мислам дека само АфД може да ја спаси Германија. И само сакам да бидам многу јасен за тоа: само АфД може да ја спаси Германија “, рече Маск во онлајн разговор на X со лидерката на АФД, Алис Вајдел.
Маск предизвика силни критики во германскиот политички естаблишмент поради неговата поддршка за АфД, особено откако ги навреди и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц.
Германската влада го обвини Маск дека се обидел да влијае на изборната кампања во земјата покажувајќи ја својата поддршка за АфД.
“И покрај тоа што е слободен да го изрази своето мислење, Илон Маск се обидува да влијае на федералните избори преку своите изјави“, рече заменик владиниот портпарол Кристијане Хофман на брифинг со новинарите во Берлин.
АфД моментално е на второто место во анкетите на национално ниво и можеби ќе може да го спречи мнозинството од десниот центар или од левиот центар.
Сепак, главните германски, поцентристички партии ветија дека ќе одбијат да формираат коалиција со АфД на национално ниво.