Европската унија треба да биде подготвена за постконфликтни сценарија во Појасот Газа, изјави во средата германскиот канцелар Олаф Шолц.
Обраќајќи им се на пратениците во парламентот пред да замине за Брисел на самитот на лидерите на ЕУ, Шолц рече дека Европејците треба да играат силна улога во обликувањето на постконфликтниот поредок.
„Веќе треба да размислиме за времето по завршувањето на вооружениот конфликт. Ќе мораме да разговараме како може да изгледа одржлив безбедносен поредок и Европа треба да се вклучи во оваа дискусија“, рече тој.
Шолц тврдеше дека постконфликтниот поредок во Газа треба да биде дизајниран на начин што ќе обезбеди безбедност за граѓаните на Израел.
„Таквото уредување треба да ги вклучи и земјите од регионот. Особено оние земји кои склучија договори за нормализација на односите со Израел или размислуваа да го сторат тоа“, рече тој.
Шолц не навлегува во деталите за неговата идеја, но рече дека треба да се направат напори за зајакнување на Палестинската управа (ПА) со седиште во Рамала, за да ја преземе практичната одговорност во Газа.
„Нема друг начин освен зајакнување на политичката одговорност на палестинската управа, исто така и за Газа, и додека го правиме ова, мораме да ги решиме и нејзините очигледни недостатоци“, рече тој.
Шолц, исто така, ја подвлече важноста од обновата на Газа по војната, зајакнување на економските перспективи за Палестинците, за да се донесе мир и стабилност во регионот.
„ЕУ може да игра улога во ова, но земјите во регионот и земјите од Заливот исто така треба да преземат одговорност“, рече тој.
Шолц го повтори долгогодишниот став на неговата влада дека само решението со две држави може да донесе мир и безбедност за Израелците и Палестинците.
„Ќе успееме само ако има политичко решение. И ова решение е и останува решение со две држави, кон кое мора да се пристапи чекор по чекор“, рече тој.
Тој ја заврши својата забелешка тврдејќи дека решението на конфликтот ќе му овозможи на Израел да се фокусира на најважната стратешка закана со која се соочува, Иран и неговите регионални сојузници.