Вермонт е единствената држава, барем засега, во која се предвидува дека Хејли ќе го победи Трамп / Photo: AA

Актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, демократот Џо Бајден и републиканецот Доналд Трамп, овој „супер вторник“ ги постигнаа очекуваните победи на партиските избори и речиси е сигурно дека двајцата, како и пред четири години, уште еднаш ќе си ги одмерат силите во борбата за место во Белата куќа.

Во вторникот се одржаа прелиминарни партиски избори во 15 сојузни држави на САД, каде што, како што се очекуваше, актуелниот шеф на државата, демократот Џо Бајден и неговиот претходник, републиканецот Доналд Трамп, јасно ги покажаа своите силни позиции во очите на гласачите пред претседателската избори, кои ќе се одржат на 5 ноември годинава.

Бидејќи претседателските избори во САД традиционално се одржуваат во вторник, повеќето прелиминарни избори, наречени „примарни“ во повеќето држави, се одржуваат во вторник. Денот во кој најмногу сојузни држави излегуваат на гласање во САД се нарекува „Супер вторник“.

„Супер вторник“ во американската политика се негува уште од претседателските избори во 1984 година и се одредува според изборниот календар на државите кон крајот на февруари или почетокот на март. Победниците на „Супер вторник“ најчесто ја добиваат претседателската кандидатура во својата партија.

Бидејќи кандидатурата на актуелниот демократски претседател Бајден е веќе извесна уште пред конгресот, вниманието на јавноста повеќе го привлече гласањето во редовите на републиканците каде Трамп е фаворит.

Бајден ги освои сите 15 држави - Алабама, Арканзас, Калифорнија, Колорадо, Ајова, Масачусетс, Мејн, Минесота, Северна Каролина, Оклахома, Тенеси, Тексас, Јута, Вирџинија и Вермонт. Единствениот пораз што го претрпе беше на американската територија на Американска Самоа од речиси непознатиот кандидат Џејсон Палмер.

Трамп лесно ја победи Ники Хејли, последниот преостанат голем предизвикувач,на прелиминарните избори одржани во Алабама, Арканзас, Колорадо, Мејн, Вирџинија, Северна Каролина, Оклахома, Минесота, Тенеси, Тексас и Масачусетс, според проекциите на радиодифузерите.

Вермонт е единствената држава, барем засега, во која се предвидува дека Хејли ќе победи на републиканските прелиминарни избори.

Во сојузната држава Ајова на 15 јануари започна прелиминарниот изборен процес на кој гласачите на Демократската и Републиканската партија ги избираат своите кандидати за претседателските избори, а овој процес ќе заврши на 8 јуни кога двете партии ќе ги потврдат своите кандидати за функцијата шеф на државата.

Републиканците официјално ќе го објават својот кандидат на партиската конвенција во Милвоки од 15 до 18 јули, а демократите тоа ќе го направат во Чикаго од 19 до 22 август.

AA
Популарни