Граѓаните го слават падот на режимот газејќи врз скршената биста на починатиот сириски претседател Хафез ал Асад / Photo: Reuters

Годината зад нас беше одбележана со реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД, ескалација на конфликтите на Блискиот Исток и Украина со бројни жртви, изборни процеси и нови стари лидери во Русија и ЕУ, падот на сирискиот претседател Башар ал Асад од власт, падот на владите на Германија и Франција, како и атентатот на словачкиот премиер Роберт Фицо.

По изборите во Русија одржани во март, Владимир Путин го започна својот петти мандат. Урсула фон дер Лајен остана на чело на Европската комисија по изборите за Европскиот парламент во јуни, кои, патем, ја зајакнаа десницата.

На првиот ден од 2024 година, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Иран и Етиопија се приклучија на БРИКС, кој првично се состоеше од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, но со текот на времето и други земји од глобалниот Југ почнаа да се приклучуваат на оваа асоцијација, додека повеќе земји најавија пристапување.

На 12 јануари американските и британските поморски сили извршија напади врз цели на Хутите во Јемен. Тоа беше првиот директен ангажман на овие земји против борбениот потенцијал на Хутите, кои вообичаено се поддржани од Иран.

Хутите, шиитска милитантна група од крајниот југозапад на Арабија, во претходниот период интензивно напаѓаше комерцијални и трговски бродови во Црвеното Море, во меѓународни води.

На 14 јануари, Фредерик X стана нов крал на Данска, бидејќи неговата мајка Маргарет Втора реши да абдицира по 52 години владеење. Кралицата Маргарета, најдолготрајниот монарх во историјата на Данска, го наследи тронот од нејзиниот татко кралот Фредерик IX во јануари 1972 година.

Американскиот бизнисмен Илон Маск на 30 јануари објави дека првиот пациент на кој му бил вграден чип во мозокот преку програмата Телепати на неговата компанија Неуралинк успешно закрепнува.

Неуралинк претходно изјави дека неговата првична цел е да им овозможи на луѓето да го контролираат курсорот или тастатурата на компјутерот користејќи ги само своите мисли.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина на 16 февруари во казнено поправната колонија ИК-3 во Арктичкиот круг, на северот на Урал, на 48-годишна возраст.

Тој беше осуден во неколку наврати, последен пат во август 2023 година, кога беше прогласен за виновен за наводно основање и финансирање на екстремистичка организација.

На 19 февруари, Советот на Европската унија започна воена поморска операција за заштита на слободата на навигација во Црвеното Море и Персискиот Залив, ЕУНАВФОР АСПИДЕС, во областите загрозени од јеменските Хути со бројни напади врз трговски бродови.

Во операцијата учествуваа воените и поморските сили на Белгија, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Италија, Латвија, Холандија и Шведска.

На северот од Појасот Газа на 29 февруари, во нападот во близина на коридорот Нечарим загинаа 118 палестински цивили додека чекале ред за храна, а 760 биле ранети или повредени.

Израелските власти тврдеа дека големиот број жртви се резултат на стампедо, додека претставници на Хамас тврдат дека жртвите се резултат на напад на израелската армија. Меѓутоа, израелските претставници на ИД не негираа дека нивни припадници пукале кон Палестинците кои се движеле кон војниците и кон контролниот пункт.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 7 март објави дека Шведска официјално стана 32-та членка на Алијансата.

Во Красногорск, Московската област, на 22 март се случи терористички напад во концертната сала Крокус сити хол, во кој загинаа 145 лица, а 551 беа ранети. Нападот го извршија муслимански екстремисти.

Собранието на Индонезија на 28 март донесе одлука за доделување специјален статус на главниот град Џакарта, откако беше одлучено новата престолнина и административен центар да биде Нусантара, на истокот на островот Борнео.

Џакарта, градот со десет милиони жители постепено тоне, во просек од 1 до 15 см годишно, а речиси половина од површината на градот е под нивото на морето.

Во грузискиот главен град Тбилиси на 1 мај избувнаа демонстрации поради објавувањето на Законот за транспарентност на странско влијание.

Новиот закон предвидува организациите кои добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство да се регистрираат како зависни од странско влијание.

За време на протестот во Тбилиси полицијата приведе 63 лица, а шест полицајци беа повредени. Претставниците на опозицијата сметаат дека новиот закон е донесен под влијание на Москва.

На 13 јули беше извршен обид за атентат врз Доналд Трамп / Photo: Reuters Reuters

На 13 мај избувнаа жестоки немири во Нова Каледонија, а два дена подоцна француската влада прогласи вонредна состојба на таа прекуморска територија и испрати над 1.000 полицајци како засилување на францускиот остров.

Бунтот, придружен со жртви, подметнување пожари и грабежи, избувна поради незадоволството на домородното население, Канак, од изборниот закон кој ги поистоветува правата на доселениците со тие на староседелците.

Во Нова Каледонија претходно беше одржан референдум на кој беше отфрлено отцепувањето од Франција.

Роберт Фицо, премиерот на Словачка, беше ранет на 15 мај во обид за атентат. Нападот се случил пред културниот центар во градот Хандлова, североисточно од Братислава, каде претходно се одржа состанок на словачката Влада.

Напаѓачот беше Јурај Цинтула, поет и основач на Движењето против насилството, кој го критикуваше Фицо дека не сторил доволно за да го спречи коцкањето во земјата.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на земјата Хосеин Амир Абдолахијан загинаа на 19 мај, кога нивниот хеликоптер се урна додека преминуваа планински терен за време на густа магла, во северозападниот дел на Иран, во регионот Верзеган, во пограничната зона со Азербејџан.

На 12 јуни, руските мировници се повлекоа од регионот Нагорно-Карабах, етничка ерменска енклава во Азербејџан.

Во септември 2023 година, Азербејџан ја презеде контролата врз Карабах, ставајќи крај на независноста на регионот од Баку, принудувајќи го практично целото ерменско население да го напушти Карабах. Во Ереван, во Ерменија, се одржаа паралелни масовни протести.

Основачот на Викиликс, австралискиот новинар Џулијан Асанж, на 25 јуни беше ослободен од затвор и ја напушти Британија откако се спогоди со обвинителството на САД и се изјасни за виновен за прекршување на американскиот Закон за шпионажа.

Во 2010 година, Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за американските војни во Авганистан и Ирак, заедно со голем број дипломатски телеграми.

Асанж првпат беше уапсен во Британија во 2010 година врз основа на европска потерница, која подоцна беше отфрлена, а потоа се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон. Таму остана седум години, до 2019 година, кога беше уапсен од полицијата, а потоа речиси пет години се бореше против екстрадицијата во САД.

На 26 јуни, земјите-членки на НАТО го избраа холандскиот премиер Марк Руте за генерален секретар на Алијансата.

На 6 јули, претставниците на трите земји од регионот Сахел - Нигер, Мали и Буркина Фасо потпишаа договор за формирање на конфедерална заедница Алијансата на државите од Сахелија (АЕС).

Трите западноафрикански земји на чело со воените администрации одлучија за блиска соработка, взаемна помош на сите нивоа, како и заеднички отпор и одбрана во случај една од трите земји да биде загрозена.

Отфрлено е поранешното членство на заедницата ЕКОВАС на западноафриканските земји.

На 13 јули беше извршен обид за атентат врз Доналд Трамп, тогашниот кандидат на републиканците на претстојните претседателски избори во САД, при што беше полесно повреден во увото.

Нападот се случил додека Трамп бил на бината за време на митингот во Батлер, Пенсилванија. Лицето кое пукаше во Трамп за време на митингот во Пенсилванија набрзо беше убиено, а во инцидентот загина и еден посетител на собирот.

На 31 јули во нeговата резиденција во Техеран беше убиен лидерот на Хамас Исмаил Ханије и еден од неговите телохранители.Ханије беше во Техеран за да присуствува на церемонијата на положување заклетва на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Шеик Хасина Вазед, премиерка на Бангладеш поднесе оставка и побегна во соседна Индија на 5 август, со воен авион. Таа ја напушти земјата по масовните немири и покрај тоа што го освои четвртиот мандат на изборите во јануари, кои беа бојкотирани од опозицијата.

На 20 август, украинското собрание, Врховната Рада, гласаше за забрана на канонската Украинска православна црква (УПЦ). Законот, кој го поддржаа 265 пратеници, стана правно обврзувачки 30 дена по неговото објавување.

Најмалку 37 лица загинаа, а околу 3.000 беа ранети во спектакуларната операција на израелската тајна служба на 17 и 18 септември, кога експлодираа пејџери и уреди за радио комуникација на членови на либанската милитантна шиитска група Хезболах.

Меѓу повредените беше и амбасадорот на Иран во Бејрут.

Во израелски напад на Бејрут на 27 септември беше убиен и лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

На општите избори во Австрија на 29 септември, најмногу гласови доби крајно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО), која освои 29,2 отсто од гласовите. Второ место беше умерената десничарска Австриска народна партија на канцеларот Карл Нехамер, која освои 26,2 отсто од гласовите, а социјалдемократите добија 20 отсто од гласовите.

ФПО, заедно со владејачката унгарска партија Фидес и чешката десничарска партија АНО, на крајот на јули ја основаа парламентарната група „Патриоти за Европа“, трета по големина во Европскиот парламент.

На 1 октомври израелската армија ја започна инвазијата на Либан, а беше објавено дека целта на операцијата е демонтирање и уништување на инфраструктурата на Хезболах.

Лидерот на Хамас, Јахја Синвар беше убиен во напад на израелските војници во Рафах, во јужна Газа на 17 октомври.

Синвар беше назначен за политички лидер на групата на почетокот на август, по атентатот врз нејзиниот водач Исмаил Ханије во Техеран.

Републиканскиот кандидат, поранешниот претседател Доналд Трамп победи на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави на 5 ноември.

Трамп, идниот 47-ми претседател на САД, освои 312 од потребните 270 електорски гласови, а противкандидатка Камала Харис, претставничка на демократите 226.

Републиканците исто така освоија мнозинство во двата дома на Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом.

Главниот слоган на Трамп, како и претходниот пат, беше дека „тој повторно ќе ја направи Америка голема!“

На 17 ноември, Индија успешно тестираше хиперсонична ракета со долг дострел од домашно производство. На овој начин, Индија е рангирана меѓу ретките нации кои поседуваат толку напредни технологии.

Францускиот парламент на 4 декември ѝ изгласа недоверба на владата на чело со Мишел Барние, а на 23 декември кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон објави дека е назначена нова влада на чело со премиерот Франсоа Баиро.

Претходно, Макрон одлучи да го распушти парламентот во јуни, што доведе до предвремени избори кои резултираа со парламент поделен во три групи без јасно мнозинство.

Уставниот суд на Романија на 6 декември ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори

Најмногу гласови во првиот круг доби десничарот Калин Ѓорѓеску, кој се смета дека е наклонет кон Москва.

На 8 декември анти режимските сили по неколкудневна офанзива го зазедоа Дамаск, главниот град на Сирија и го урнаа режимот на партијата Баас и претседателот Башар ал Асад.Тој со семејството избега од земјата во Москва, каде што доби азил.

Руските сили, кои претходно беа активни во граѓанската војна во таа земја, не реагираа, а останува прашањето за нивните бази, единствени кои Москва ги има во Медитеранот.

На 14 декември, парламентот на Јужна Кореја гласаше за отповикување на претседателот на земјата, Јун Сук Јеол, откако тој претходно воведе вонредна состојба за, како што рече, искоренување на „антидржавните сили“. Тој неколку часа подоцна ја укина вонредната состојба, бидејќи собранието се спротивстави на таа одлука.

Германската влада на канцеларот Олаф Шолц падна на 16 декември по гласањето недоверба. Тој го поднесе барањето за гласање доверба по распадот на владејачката коалиција, предизвикан од одлуката на Шолц да го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер.

Поради ова, дојде до поделба меѓу социјалдемократите и зелените од една страна, и либералите на Линднер, од друга страна.

На 27 декември, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го распушти Бундестагот и најави предвремени парламентарни избори за 23 февруари 2025 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни