Републиканскиот кандидат Доналд Трамп денеска изјави дека „реториката на американскиот претседател Џозеф Бајден и потпретседателката Камала Харис предизвикува луѓето да пукаат во него“, велејќи дека напаѓачот, кој вперил пушка кон поранешниот претседател во неделата реагирал на „многу запаливиот“ наратив на демократите.
„Тој (напаѓачот) веруваше во реториката на Бајден и Харис и постапи според неа. Нивната реторика предизвикува пукање кон мене, кога јас сум тој што ќе ја спаси земјата, а тие се оние кои ја уништуваат однатре и однадвор“, изјави тој за Фокс њуз.
Трамп укажа на коментарите на Бајден и Харис во кои тие го претставуваат републиканецот како „закана за демократијата“, додека тие се претставуваат како „лидери на единството“.
Тој истакна дека верува оти Бајден и Харис ќе ја „уништат земјата“ и ги окарактеризира како „внатрешни непријатели“ и „закана“.
Трамп, исто така, рече дека политиката на Бајден и Харис ја уништува земјата, „дозволувајќи им на милиони многу опасни мигранти да влезат и да ја уништат нашата земја и градови“.
„Однадвор, ние сме слаби и слаби и светот повеќе не не почитува“, рече Трамп и ги повтори критиките за минатонеделната претседателска дебата со Харис и за наводната медиумска пристрасност во корист на демократите.
Американецот Рајан Весли Рут (58), кој беше уапсен за безбедносен инцидент на Флорида што ФБИ го истражува како обид за убиство на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, денеска пред федералниот суд беше обвинет за нелегално поседување огнено оружје и поседување огнено оружје со избришан сериски број.
Рут беше уапсен во неделата набргу по бегството откако агентите на Тајната служба отворија оган врз него затоа што вперил полуавтоматска пушка кон голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, додека Трамп играл голф.
Истрагата утврдила дека Рут 12 часа бил скриен меѓу дрвата на околу 400 метри од голф клубот чекајќи го Трамп.
Инцидентот се случи околу два месеци откако Томас Метју Крукс пукаше во Трамп на митинг во Батлер, Пенсилванија на 13 јули и се здоби со повреда на увото.