Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека обвиненијата дека се обидел да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година се политички „прогон“ откако се појави пред Федералниот суд.
„Кога ќе погледнете што се случува, ова е прогон на политички опонент“, им рече Трамп на новинарите пред да замине од Вашингтон и додаде дека тоа е „многу тажен ден за Америка“.
„Ова никогаш не требаше да се случи во Америка. Ова е прогон на личноста што води со многу, многу значаен број на прелиминарните избори на републиканците и води многу пред (претседателот Џо) Бајден. Значи, ако не можете да го победите, го прогонувате или го судите“, рече тој и додаде: „Не можеме да дозволиме ова да се случи во Америка.“
Трамп не одговори на прашањата на новинарите.
Тој се појави пред Федералниот суд вчера за четири кривични пријави поврзани со неговите наводни напори да ја промени загубата на изборите во 2020 година.
Трамп беше процесуиран од органите за спроведување на законот и изведен пред судиите во Федералниот суд во Вашингтон. Тој се изјасни за невин по обвиненијата, како што се очекуваше, и беше пуштен во очекување на судењето.
Судијата им дал на обвинителите една недела да поднесат извештај за случајот со објаснување кога би сакале да се одржи судењето. На тимот на Трамп му е наложено да понуди сопствен временски распоред една недела подоцна.
Поранешниот претседател беше обвинет во вторникот од федералната Голема порота во долготрајната истрага на Министерството за правда за обидите за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година.
Тој останува на својата изјава дека е невин, а неговите адвокати ќе треба да докажат дека неговите коментари биле заштитен говор во рамките на Првиот амандман од Уставот и дека тој легитимно верувал во неговите тврдења за изборна измама.