Расте бројот на складирани боеви глави во светот. Најголем пораст има во Кина, но зголемување е регистрирано и во Русија, Пакистан, Северна Кореја и Индија. Ова го покажуваат податоците од меѓународниот институт за истражување на мирот СИПРИ со седиште во Стокхолм. Станува збор за независен меѓународен институт посветен на истражување на конфликти, вооружување, контрола на вооружувањето и разоружување и основан е во 1966 година.
Кина за една година произвела 60 боеви глави
Анализите се однесуваат на периодот од јануари 2022 до јануари 2023 година. Во тој период бројот на складирани боеви глави во Кина се зголемил за 60, и сега изнесува 410.
„Кина е во средина на значајна модернизација и проширување на својот нуклеарен арсенал. Нејзините нуклеарни залихи се очекува да продолжат да растат во текот на наредната деценија и некои проекции сугерираат дека ќе распореди интерконтинентални балистички ракети најмалку колку и САД или Русија во тој период“, пишува во извештајот.
САД и Русија со најголем нуклеарен арсенал
Сепак бројот на боеви глави на Кина е далеку помал од она што го поседуваат САД и Русија. Тие заедно имаат над 8.000 боеви глави.
Русија е водечка во светот со 4.489 складирани боеви глави и за една година произвела 12. САД имаат 3.708, но нема податоци за тоа дали залихите се зголемиле од 2022 до 2023 година или пак можеби се намалиле.
Од останатите три држави, кои според бројот на боеви глави изминатата година забележале зголемување се, Пакистан го зголемил бројот за пет боеви глави и сега има 170. Северна Кореја исто така бележи раст за пет боеви глави и има 30. Индија пак има четири боеви глави повеќе во однос на минатата година, а вкупно поседува 164.
Државите пак кај кои нема податоци за зголемување, а поседуваат голем број складирани боеви глави се Франција со 290, Велика Британија со 225 и Израел со 90.
ТРТ Балкан