Црните статистики со кои располагаат Обединетите нации откриваат дека од 2016 до 2020 година биле убиени 400 новинари додека ја вршеле работната задача или за нивното известување. Тоа што загрижува е неказнивоста за злоделата врз новинарите, односно во просек само едно од десет убиства се расветлени, а злосторниците се казнети.
На Светскиот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, се посочува дека недостигот на правда создава уште поголеми проблеми во општествата.
Кризните и воените подрачја се особено опасни за новинарите, а потврда за тоа е фактот што годинава од почетокот на војната во Украина биле убиени 10 новинари.
Без квалитетно новинарство во функција на јавниот интерес се помалку ќе се фрла светлина на информации за висока корупција, нарушување на човековите права и криминалот.
„И покрај напорите, продолжува убивањето на новинарите со алармантна стапка. Според нашата опсерваторија, 955 новинари ги загубиле животите од 2012 година. Седумдесет и еден новинар е убиен од јануари, што веќе ја прави 2022 година најсмртоносна од 2018 година досега“, посочи Одри Азулеј, генерална директорка на УНЕСКО.
Исто така од УНЕСКО додаваат дека во текот на 2020 година над 200 новинари биле затворени поради нивната работа. Се почесто жртви се и жените новинарки кои се особено таргетирани преку онлајн платформите. Во последното истражување над 70% од жените новинарки пријавиле дека биле жртви на онлајн вознемирување.
Покрај најтешките злодела, новинарите се предмет и на физички напади, застрашувања, киднапирања, казни и закани.
Создавањето на клима на страв исто така влијае врз квалитетот на известувањето и истражувачкото новинарство, што води кон цензура или самоцензура.
Преку хаштагот „Вистината никогаш не умира“ (#TruthNeverDies), објавени се приказните на десетици убиени новинари од висок профил во изминатиот период.
Идејата на веб сајтот е да им се оддаде признание за нивната пожртвуваност, како и да се потсетат властите дека нивните убиства или не се расветлени или сторителите се уште не одговараат пред законот.
Иако Обединетите нации одбележуваат 10 години од усвојувањето на Акцискиот план за безбедност на новинарите, од последните глобални кризи како пандемијата со Ковид-19, војните во Авганистан и Украина, како и долготрајните конфликти низ светот, последиците врз новинарите и медиумските работници се екстремни.
Во извештајот на УНЕСКО се нотираат и обиди за ограничување на работата на новинарите, особено при известување од кризни и воени подрачја и непружање соодветна заштита.
ОН како преку соодветните агенции така и во соработка со државите низ светот инсистира на продолжување со обуките на припадници на правосудството и безбедносните органи за заштита на новинарите и преземање соодветни чекори за казнување на злосторниците.