Зеленски долго време бара дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ од САД / Photo: AA

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе ја изгуби војната против Русија доколку американскиот Конгрес не одобри воена помош за Киев.

„Неопходно е да му се објасни на Конгресот дека ако не ѝ помогне на Украина, Украина ќе ја изгуби војната“, рече Зеленски, објави Киев Индипендент.

Зеленски истакна дека на Украина ќе и биде „тешко“ да „преживее“ без помош, додавајќи дека, според него, намерите на Русија да освои повеќе територии ќе се зголемат доколку биде успешна во Украина.

„Доколку Украина ја загуби војната, другите земји ќе бидат нападнати“, рече Зеленски.

Коментарите на Зеленски доаѓаат откако претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, вети дека по Велигден ќе го стави на дневен ред гласањето за помошта за Украина, по неколку месеци чекање.

Тој претходно изјави дека нема да го стави прашањето пред конгресмените на гласање.

Зеленски исто така, со оглед на постојаните руски воздушни напади врз североисточниот град Харков, побара од меѓународните сојузници итно да ги испорачаат неопходните системи за противвоздушна одбрана.

„Сосема е очигледно дека капацитетите за противвоздушна одбрана што ги имаме во Украина не се доволни - и тоа им е јасно на сите наши партнери“, рече Зеленски во вечерната видео порака во неделата.

„Бараме начини да му обезбедиме на Харков повеќе воздушна одбрана“, рече тој, повикувајќи ги сите украински дипломати и меѓународни преговарачи да бараат договори за нови испораки.

Зеленски долго време бара дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ од САД, а претходно во ТВ интервју рече дека на неговата земја и се потребни најмалку 25 такви системи за да се одбрани од руски напади.

Според локалното обвинителство, две воздушни бомби паднале во неделата напладне во Харков, при што биле повредени пет лица, додека 13 станбени згради и други објекти биле оштетени. Во петокот вечерта шест лица загинаа, а 11 беа повредени.

TRT Balkan / агенции
Популарни