Соединетите Американски Држави се посветени на поддршката на Албанија на нејзиниот пат кон пристапување во Европската унија и борбата против корупцијата и организираниот криминал, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен.
За време на посетата на главниот град Тирана, Блинкен рече дека САД и Албанија имаат извонредно партнерство.
„Ова партнерство меѓу нашите земји е посилно отколку што било досега и нашите односи се клучни за решавање на некои од прашањата кои се важни за нашите народи“, рече тој на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Тој додаде дека Албанија цврсто ја поддржува Украина уште од првиот ден на руската агресивна војна.
Блинкен рече и дека разговарале за соработката за подобрување на регионалната стабилност, сајбер одбраната и судските реформи.
Рама рече дека САД биле, се и ќе останат непоколеблив поддржувач на конечното признавање на Косово како суверена, независна држава и исполнувањето на неговиот меѓународен субјективитет.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, а повеќето земји-членки на Обединетите нации, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Туркије, го признаа како автономна земја.
Србија, сепак, сè уште го смета Косово за своја територија.
Блинкен во средата ја започна четиридневната посета на Германија и Албанија за да разговара за поддршката за Украина и мировните напори на Блискиот Исток.
Блинкен ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција во Германија како дел од американската делегација предводена од американската потпретседателка Камала Харис.
„За време на конференцијата, Блинкен ќе ја нагласи поддршката за Украина, ќе се осврне на ситуацијата на Блискиот Исток, на зачувувањето на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и соработката во меѓународните институции и држави“, рече Џим О'Брајан, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.